Губење на крвта, гушење, престанок на работата на срцето, собирање течност во белодробната и срцевата обвивка, дехидрација, тотална исцрпеност… се конкретните физички причини за смртта на Исус Христос по неговото распнување на Велики петок, пишува дневниот весник „Дневник“.
До вакви сознанија дошле медицинските стручњаци што досега се занимавале со анализите на физичките и на медицинските причини што ѝ претходеле на смртта на синот Божји.
Распнувањето на крстот, кое во тоа време било најсурова казна со која Римјаните ги казнувале робовите, неримјаните, револуционерите и најлошите криминалци, било најтешката мака на која бил изложен. Меѓутоа, и претходно бил изложен на ужасно физичко казнување, поради што неговиот организам доживеал шок, исцрпеност, загуба на крв… Всушност, страдањата на Исус Христос почнуваат од денот на неговото апсење од страна на римските војници, по Тајната вечера на Величетврток, кога бил предаден од Јуда.
Големи лузни по телото
-Потта му беше како капки крв што паѓаа на земјата… – стихот од Евангелието по Лука за случувања по Тајната вечера е прв знак дека Исус почнал да доживува душевни страдања, кои им претходеле на физичките. Ова било запишано и во анализата за неговата физичка смрт, која ја направила група на научници од познатата американска клиника „Мејо“. Тие објаснуваат дека воопшто не е неверојатно и изненадувачки во тие моменти од телото на Исус да капела крв.
Објаснувањето за ова е дека и други медицински случаи потврдуваат дека во случај на голем емоционален стрес крвните садови во кожата може да пукнат и да предизвикаат крвавење преку кожата и потта.
Ова крвавење во својот труд „Медицински аспекти на Исусовите маки и физичката смрт“ го посочил и доктор Роберт Семниц од Институтот за онкологија од Сремска Kаменица во Србија, кој посочува дека ново малтретирање Исус доживеал кога бил удиран со тупаници додека бил сослушуван пред Синдерионот.
– По ова, Исус бил изложен на камшикување со камшици направени од кожени ленти, на кои имало метални топчиња и остри парчиња од коски на животни. Тие биле направени така за да направат што поголеми оштетувања на кожата. Војниците го удирале по грбот, нозете, рацете, а камшикувањето зависело од водачот на војниците. Kамшикувањето предизвикало силно крвавење. Потоа војниците му ставиле круна од трње и го удирале по главата со дрвени палки. Сето тоа било голем шок и исцрпување за неговиот организам – објаснува д-р Семниц.
По ова, Исус го поминал патот долг околу 600 метри по Виа долороса (Патот на солзите), носејќи го горниот дел од крстот тежок четириесетина килограми, повторно удиран, поради што паѓал трипати. При тоа можело да биде повреден и од товарот што го носел.
Четиричасовна агонија
Американските научници посочиле дека клиновите со кои биле заковани рацете и стапалата на Исус на крстот биле долги од 12,5 до 18 сантиметри.
– Му биле прободени рачните зглобови, а не дланките, бидејќи коските на рачните зглобови можат да ја издржат тежината на телото, а на дланките не. Kлиновите поминале помеѓу главната долга коска и средниот нерв, што предизвикало голема болка. Главните крвни садови не биле пробиени за да не искрвави до смрт. Стапалата му биле заковани помеѓу втората и третата метатарзална коска за тежината на телото да може да се наслони на тие клинови. И таму не биле прободени главни крвни садови, но болката била огромна – потенцираат американските стручњаци.
Српскиот доктор Симниц се надоврзува на ова и објаснува дека таквата положба на распнатото тело најмногу го нарушува дишењето.
– Таа го фаворизира вдишувањето, но го отежнува издишувањето. Со тоа брзо се зголемува нивото на јаглероден диоксид во крвта, а опаѓа нивото на кислородот. Тоа создава ацидоза, односно скиселување на крвта. За да вдиши воздух, Исус морал да го крева телото нагоре, а тоа предизвикувало силна болка, брзо го исцрпувало телото. Во таква ситуација тешко зборувал, и починал. Причините за смртта на крстот се многубројни, пред сѐ губење крв, целосна исцрпеност, задушување, престанок на работата на срцето – објаснува докторот.
Од описите на распнувањето се заклучува дека Исус Христос починал три до четири часа откако бил распнат. Тоа не било невообичаено во тоа време иако имало описи дека некои жртви на крстот се мачеле и три-четири дена пред да умрат.
Крв и вода во градите
Во Евангелието според Јован е наведено дека откако Исус ја испуштил душата на крстот, римските војници со копје му ги проболе ребрата и дека тогаш „истекле крв и вода“.
– Водата што истекла била течност од градите и од срцето. Собирањето на оваа течност е нормално во случаи на инфаркт и на голема загуба на крв – нагласуваат американските стручњаци.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.