| четврток, 6 декември 2018 |

Втор случај на оставено бебе пред Гинекологија: Не знаеле кога останале трудни, а ова им била седма и осма бременост (видео)

Две родилки и двете прилепчанки оваа недела по породувањето ги оставиле своите бебиња на Клиниката за гинекологија во Скопје. Во првиот случај се работи за жената која доби сомнителен сендвич зачинет најверојатно со дрога, која при одењето кажала дека можеби ќе се врати по детето. Втората, која ја напуштила клиниката утринава, била решителна во одлуката да го остави новороденчето за посвојување и покрај разговорот со психолог и социјален работник.  На Гинекологија ги чуваат се додека не бидат здравствено стабилни, по што ги праќаат во Домот за донечиња во Битола. Годинава уште седум мајки породени на ГАК се откажале од бебињата.

– Кај нас остануваат се додека не бидат стабилизирани и здрави. Се случува да останат месец-два, во зависност од тоа во каква состојба се и во која гестациска недела се родени. Потоа одат во Домот за доенчиња во Битола, но претходно има уште еден контакт со мајката, потоа уште еден во случај да се премисли и на крај остануваат за посвојување, вели д-р Адела Стефанија од ГАК за Сител.

Последните два случаи се карактеристични за лекарите бидејќи станува збор за жени кои воопшто немале контрола кај гинеколог. И двете родилки не знаеле кога останале трудни, а ова им била седма и осма бременост. Прилепчанката која се породила вчера била зависничка од седативи и затоа била препратена на скопска гинекологија.

– Кај неа се знаеше, кажа уште веднаш дека детето ќе го остави исто како и претходните деца што ги оставила на посвојување, вели д-р Стефанија.

Од ГАК велат дека многу ретко се случува мајката да се премисли и да се врати на Клиниката за да си го земе бебето што го оставила.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top