| четврток, 6 декември 2018 |

Алексиќ: Одбраната не ги прими сите докази на кои се повикува СЈО во „Труст“ (ВИДЕО)

Во скопскиот Кривичен суд денеска се одрж рочиште за предметот „Труст“ на Специјалното јавно обвинителство, во кој првоосомничен е бизнисменот Сеад Кочан, а обвинети се уште две физички и три правни лица, меѓу кои и управителите на фирмите „Трансмет“, „Силекс“ и „Вато“ ДООЕЛ од Студеничани за учество на тендер на ЕЛЕМ..

На последното рочиште обвинителите на СЈО го изложија обвинението и побараа од Судот врз основа на приложените докази обвинетите да бида прогласени за виновни. Сеад Кочан, пак, се изјасни за невин за обвиненијата што против него ги изнесе Специјалното јавно обвинителство, а вина пред Судот негираа и второобвинетиот Василије Авировиќ и третообвинетиот Сафет Ватиќ.

На минатото рочиште приговаравме дека она што беше ставено во листата на докази, односно предложено да се изнесе како доказ, не одговара со доказите што им беа доставени на одбраната од страна на СЈО, изјави адвокатката на обвинетите во случајот „Труст“, Сања Алексиќ, по завршување на денешното рочиште.

Таа рече дека извадиле листа на многу докази што одбраната воопшто ги нема примено.

-Законот за кривичната постапка предвидува контрадикторна расправа. Ние цело време приговараме доколку одбраната ги нема примено сите докази на кои се повикува јавниот обвинител, вели Алексиќ. Таа информира дека второ и третообвинетите цедето со докази го примиле на минатото рочиште и денеска се повикаа на приговорите во насока на тоа дека не се соодветствува листата на докази со она што им е предадено како доказен материјал од страна на СЈО.

Одбраната имаше и приговор за сведоците. Во согласност со Законот за кривичната постапка одбраната има право да ги предлага како сведоци истите лица што ги предлага јавниот обвинител. Во конкретен случај на денешното рочиште приговаравме дека СЈО ги немаше предложено овие сведоци во листата на докази, туку имаше предложени некакви материјални докази и записници за прибирање известувања од овие два сведока во согласност со Законот за кривичната постапка. Нашето сфаќање и толкување на Законот не е предлог за вербален доказ, изјави Алексиќ.

Според неа, судот се произнел дека нема да дозволи одбраната да ги испитува сведоците во директно испитување, со што, според неа, е повредено правото на одбрана.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top