Научниците што ја испитуваат врската помеѓу удирањето на фудбалската топка со глава и деменцијата (сенилност или проблеми со памтењето) велат дека има итна потреба за повеќе вакви истражувања. Таквите укажувања на научниците следуваат по прикажувањето на документарниот филм на Би-би-си, „Деменцијата, фудбалот и јас“, во кој се појавува поранешниот славен англиски фудбалер Алан Ширер.
Минатата година научниците од универзитетот „Стирлинг“ открија дека само еден тренинг на кој се удира топката со глава може да доведе до моментално намалување на функцијата на мозокот. Во документарниот филм на Би-би-си говореа сегашни и поранешни професионални фудбалери, роднини на поранешните играчи со дијагноза на деменција од Фудбалската асоцијација (ФА) на Англија, од Здружението на професионални фудбалери (ПФА), како и стручњаци по спортска медицина.
Во документарниот филм беа прикажани снимки со Ширер на тестовите во лабораторијата во „Стирлинг“, каде што научниците првпат дојдоа до директни докази за промените во мозокот веднаш по удирањето на топката со глава.
ФА и ПФА имаат нарачано истражување за тоа дали дегенеративната неврокогнитивна болест е почеста кај поранешните професионални фудбалери од преостанатиот дел од популацијата. Но когнитивните невролози д-р Магдалена Итсварт и д-р Ангус Хантер велат дека се потребни многу повеќе средства за научни студии, кои ќе обезбедат разбирање на ризиците од удирањето на топката со глава.
На тестовите на кои учествуваше Ширер се гледаат моменталните промени на мозокот по удирањето на топката со глава.
Ширер инаку еден од најдобрите фудбалери на Англија на сите времиња, поранешен фудбалер на Блекбурн и на Њукасл, најефикасниот во историјата на Премиер-лигата со 260 гола, вети дека ќе го донира својот мозок по смртта во банката што ја создаваат поранешни британски професионалци за истражување на врската помеѓу деменцијата и играњето фудбал.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.