| четврток, 6 декември 2018 |

Брачниот живот го намалува ризикот од деменција

Самците имаат 42 отсто повеќе шанса да заболат од деменција отколку луѓето кои се во брак, покажале резултатите од новата студија. Вдовиците и вдовците имаат 20 отсто поголема шанса да заболат од оваа болест.

Истражувачите од Универзитетот во Лондон ги испитале резултатите од 15-те посебни студии во кои истражувачите ја проучувале поврзаноста меѓу деменцијата и брачниот статус. На тој начин анализиале податоци од 800 илјади луѓе ширум светот.

Според зборовите на докторката Лори Фибс од британскиот институт за истражување на Алцхајмеровата болест, постојат бројни здравствени предности на бракот.

– Луѓето кои се во брак главно финансиски стојат подобро, а тоа е фактор што е испреплетен со многу аспекти на нашето здравје. Сопружниците може да си помогнат едни на други во поттикнување на здрави навики, да внимаваат на здравјето на партнерите и да дадат важна општествена поддршка – изјави Фибс.

Психијатарот Ендру Сомерлад кој работеше на истражувањето истакна дека здравиот начин на живот позитивно влијае на менталното здравје.

– Кога ќе се развие деменција, меѓу другото доаѓа до акумулација на оштетувањето внатре во мозокот. Сметаме дека тоа може да се намали со одржување на општото здравје и здравата исхрана и вежбање. Исто така, сметаме дека е можно да се развие капацитетот на мозокот кој се вика когнитивна резерва за да може мозокот подолго да ја издржи внатрешната штета. Тоа се постигнува со активно одржување на менталниот и општествен живот – смета Сомерлад.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top