Издавачката куќа „Прозарт Медиа“ деновиве го објави романот „Царевиот лудак “ од естонскиот писател Јан Крос, повеќе пати номиниран за Нобелова награда за книжевност. Во ремек-дело на најпознатиот и најценетиот естонски книжевник од 20 век Јан Крос (1920-2007), го запознаваме Тимо вон Бок, вистинска историска личност од времето на Александар Ι, кого царот заради искреноста го протерал и го прогласил за луд.
За да го исполни ветувањето кое му го дал на царот уште во детството – дека секогаш ќе му ја кажува вистината – тој горлив идеалист му испраќа писмо во кое го критикува неговото владеење, но тоа не е вистината која царот сака да ја чуе.
Романот е пишуван во форма на дневник кој го води шурата на Тимо, а бројните алузии на советскиот режим и неодоливиот хумор на авторот придонеле за големата популарност на делото во Естонија, но и во светот, за што говори и податокот дека „Царевиот лудак“ е преведен на дваесетина јазици и овенчано со бројни награди.
„Своите дела Крос ги пишувал за да ја надмудри цензурата, но фасцинацијата со неговиот опус на Запад само делумно произлегува од тоа“ пишува „Дорис Лесинг“.
Јан Крос (1920-2007) е најистакнат и најпреведуван естонски писател. Студирал на Универзитетот во Тарту, каде во 1944 дипломирал право. Таму предавал до 1946, па повторно во 1998. Во годината 1944 Германците го уапсиле и затвориле на шест месеци, а во 1946 советската власт го депортирала во сибирски гулаг. Враќајќи се од логорот во 1954, професионално почнал да се бави со пишување. Веќе во 1936 во списанија за млади почнал да објавува песни и куси приказни. Неговите романи и поезијата, кои се бават со односот на вистината, лудилото и моќите, се преведени на 23 јазици, а неговите дела ширум светот се продадени во повеќе од милион примероци.
Крос се смета за заслужен за оживувањето на жанрот историски роман во Естонија. Описите на историските судири меѓу Естонците и балтичките Германци се метафора на современиот отпор на советската окупација. Освен што е плоден автор, Крос е познат и како преведувач, меѓу другото на дела на Шекспир и Брехт. Во 1995 година е одликуван со германско високо државно признание за заслуги и развивање на односите меѓу Германија и Естонија, па така станал првиот Естонец кој примил такво признание од воспоставувањето на естонската независнот. Во 1996 година добил и највиско естонско државно одликување. Повеќе пати бил номиниран за Нобелова награда за книжевност. Поважни дела: „Царевиот лудак“, „Меѓу три куги“, „Заминувањето на професорот Мартенс“, „Викмановите момченца“, „Ископувања“, „Мес- меров круг“, „Одење по воздухот“, „Автобиографија и поттекст“, „Заговор и други приказни“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Промоција на романот „Манастир Фуентерабија“ од Јагода Михајловска-Георгиева во Библиотеката „Браќа Миладиновци“
-
„Бележникот на татко ми“ од најтиражниот писател од Холандија – Кадер Абдолах
-
Смртна казна за познат писател на крими-романи: Злосторството го прераскажал во роман
-
„Антолог“ ја објави книгата „Лисица“ од Дубравка Угрешиќ