| четврток, 6 декември 2018 |

Кој доби 500 евра субвенција за ПВЦ прозорци?

Повеќе од 1.000 домаќинства од денеска можат да очекуваат на нивните сметки да легнат по 500 евра државни субвенции за вградени ПВЦ или алуминиумски прозорци. Министерството за економија го објави списокот со имињата на добитниците на паричниот надоместок, а кои се јавија на конкурсот што беше распишан на крајот на јануари годинава, а траеше до 31 август.

Листа на баратели кои го остваруваат правото на надомест за купени и вградени ПВЦ или алуминиумски прозорци во домаќинствата за 2017 година може да ја видите НА СЛЕДНИОТ ЛИНК.

Според условите од јавниот оглас, на овие домаќинства ќе им се надоместат до 50 отсто од направените трошоци за купени и вградени ПВЦ или алуминиумски прозорци, но не повеќе од 500 евра во денарска противвредност.

Право на надоместок можеа да побараат лицата кои во своите домови ги заменија старите дрвени прозори во периодот од денот на објавувањето до денот на завршувањето на јавниот оглас. Притоа, доделувањето на надоместокот се вршеше по принципот „прв дојден, прв услужен“, сѐ до искористување на предвидените средства за оваа намена.
Првично за оваа намена беа обезбедени 20 милиони денари (330 илјади евра), но поради огромниот интерес за оваа субвенција, со ребалансот на Буџетот за 2017 година, во август овој износ беше зголемен за 10 милиони денари (170 илјади евра), па вкупно ќе се распределат речиси 500 илјади евра. Во Министерството за економија очекуваа со мерката да се поддржат околу 700 домаќинства, со оглед на тоа што се сметаше на различен износ на инцестиции од страна на домаќинствата, а со тоа да не биде искористен максималниот износот на субвенцијата.
Но, праксата покажа дека кај граѓаните има голема заинтересираност за нови прозорци, кои обезбедуваат подобра енергетска ефикасност на живеалиштата, односно, подобра изолација од надворешните временски влијанија, а со тоа потопол дом во зима, а поладен во лето.
Ова е нова мерка на Министерството за економија за енергетска ефикасност наменета за домаќинствата, покрај веќе постојните субвенции за сончеви термални колекторски системи.
Досега се објавени девет огласи за надоместување на дел од трошоците за купени и вградени сончеви колектори во домаќинствата, од 2007 до 2017 година, со исклучок на 2008 година. Заклучно со 2016 година, за оваа намена се одобрени 900 илјади евра, поднесени се вкупно 14.785 барања, а субвенционирани се 4.237 домаќинства.
Годинава за овие субвенции наместо досегашните 100 илјади евра, се обезбедени 260 илјади евра, додека условите се исти, односно се надоместуваат до 30 отсто од направените трошоци, но не повеќе од 300 евра во денарска противвредност по домаќинство.
извор: фактор.мк

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top