Заклучно со денеска, искористени се предвидените 14 милиони денари наменети за субвенционирање на дел од трошоците за купување печки на пелети во домаќинствата за годинава, информира Министерството за економија.
На оние кои купија печки на пелети, по објавување на јавниот повик на 31 јануари годинава, и аплицираа со потребните документи, им се овозможи надоместување на дел од трошоците за купување печки на пелети до 50 проценти, но не повеќе од 500 евра во денарска противвредност по домаќинство за 2018 година.
Принципот по кој се врши доделувањето на надоместокот е „прв дојден прв услужен“, а до целосно исцрпување на средствата за оваа намена, по што ќе бидат изготвени решенија за исплата на надоместокот за домаќинствата кои ги исполниле условите утврдени со Програмата. Листата на баратели кои го остваруваат правото на надомест ќе биде објавена на веб страната на Министерството за економија.
Целта на мерката за надомест на дел од трошоците за купување на печки на пелети, со кои ќе ги заменат старите печки на јаглен, дрва, нафта или мазут, беше да се стимулираат домаќинствата за користење на обновливи извори на енергија за затоплување на своите домови, кои минимално ги загадуваат воздухот и почвата и не влијаат врз климатските промени.
Ова е прва од предвидените мерки во Програмата за промоција на обновливи извори на енергија и поттикнување на енергетска ефикасност во домаќинствата за 2018 година, која е со вкупен буџет од 50 милиони денари. Во Програмата има уште две мерки со иста цел: надоместување на дел од трошоците за замена на старата столарија со нови ПВЦ или алуминиумски прозорци, за која се обезбедени 30 милиони денари и надомест за купен и вграден соларен колектор, мерка која веќе 9 години Министерството за економија ја спроведува, за која годинава се обезбедени 6 милиони денари. Овие мерки ќе станат активни следниот месец со објавување огласи за нив, најави Министерството за економија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.