| четврток, 6 декември 2018 |

ИТ-решението за „Мој термин“ оценето како најиновативно во Европа

„Сорсикс интернационал“, амбициозна австралиско-македонска компанија за современи технологии, ја доби наградата за најиновативно и најдобро искористено владино-институционално решение на годината, за платформата наречена „Пинга“.

Платформата е развиена како поддршка на интегрираниот јавен здравствен систем во Македонија и во Србија. Станува збор за познатите „Мој термин“ и „Мој доктор“, кои привлекоа многу големо внимание.

Во конкуренција на десетина ИТ-компании за инженеринг на податоци и иновативност од Европа, производот на „Сорсикс“ беше оценет како најдобар и со ова застана рамо до рамо со врвните во индустријата. Настанот се одржа во Лондон, а оценувањето го извршија врвни експерти.

– Квалитетот годинава беше уште поголем од минатите години и е само потврда на нашиот став дека Европа влезе во нова ера на ИТ-самодоверба – рече Џон Гарат, главен уредник на ИТ Европа и претседател на жирито, пренесоа медиумите.
Примајќи ја наградата на свеченоста во хотелот „Ројал гарден“ во Лондон, Далибор Фртуниќ, еден од челните луѓе на компанијата, им се заблагодари на европските колеги за ова признание.

„Посебна чест и задоволство е кога се добива награда токму од своите колеги, зашто тие се во одлична позиција да знаат што значи системот „Пинга“ и какви резултати постигна во релативно кусо време. Оттаму, ова признание има уште поголемо значење за нас и ќе биде поттик за понатамошен развој.

Далибор Фртуниќ, кој заедно со Драган Шахпаски, Глигор Ѓозев и Том Фртуниќ ја формираа „Сорсикс“, која има седиште и во Скопје, рече дека наградата е всушност заслуга на целиот тим, кој со ентузијазам, многу умешност и позитивна енергија ја разви платформата од идеја до практична имплементација. Составен дел од проектот беа и многубројните обуки и континуираната поддршка за партнерите и за корисниците.

„Сорсикс интернационал“ успеа да ги привлече најдобрите талентирани, амбициозни и иновативни кадри во индустријата и тоа е една од главните причини зошто оваа компанија има брз развој. Нејзините системи и решенија веќе се бараат во Ирска, Индија, Балтичките земји.

Во портфолиото на компанијата, покрај производи за здравството стојат и производите од областа на образованието, финансиите, автопатишта и трговија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top