| четврток, 6 декември 2018 |

Нацев: Половина час по убиството на Јанушев сите знаеја кој е сторителот – полицијата не презеде ништо

После шест дена, Оливер Спасовски излезе со информација дека убиец на Мартин Јанушев бил еден човек. Да. Точно. Еден човек најбрутално го ликвидираше младиот фудбалер Јанушев и го зави неговото семејство во црно. Тоа го знае целата јавност. Тоа го видоа десетици очевидци и на граѓаните не им требаше Спасовски за да им го соопшти тоа. Проблемот е што тој еден човек не е уапсен. Проблемот е тоа што 30 минути после грозоморната јавна егзекуција на Јанушев сите знаеја кој е сторителот, а полицијата не презеде ништо, изјави Александар Нацев од ВМРО-ДПМНЕ.

Тој рече дека Оливер Спасовски најмалку што можеше вчера е да каже каде е убиецот во моментов и зошто не е уапсен?

-Дали е во земјава или избегал надвор? Како избегал и кој му помогнал? Вчерашниот настан во МВР беше само доказ дека информациите во јавноста за блискост на убиецот и неговото криминално окружување со врвот на СДС се точни. Тоа е единственото образложение зошто тој сè уште е на слобода и зошто по него нема потерница. Што добија граѓаните по вчерашниот брифинг во МВР? Апсолутно ништо, рече Нацев.

Граѓаните, рече тој, се прашуваат што може нив да ги снајде кога ваков третман добива семејство на убиеното момче чиј брат и татко се вработени во МВР.

-Граѓаните ги следат информациите дека советник на премиерот Заев беше цел на вооружен напад. МВР го нема расчистено ни тој напад и се кријат мотивите и идентитетот на напаѓачите. Се крие дали истиот е поврзан со ликвидацијата на Јанушев. Криминалните структури со кои власта е во цврст пакт, ликвидираа младо момче и сега некој се обидува овој скандал да го потисне и правно и медиумски, тврди Нацев.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top