Сакам да ја пријавам сестра ми. Цел живот немаше пари, одеднаш по смртта на маж ѝ има станови и куќи. Барам државата да ми објасни од каде ѝ се парите. А, ако ѝ се од, како што сонував, богатството на Kлеопатра, кралицата македонска, земете ѝ го. Тоа ѝ припаѓа на Република Македонија. Вака го почна разговорот револтирана средовечна битолчанка, која се јави на бројот 198 во центарот за повици на Управата за јавни приходи, на кој граѓаните може да пријават даночни неправилности, пишува „Дневник“.
– Значи, и остави трoсобен стан на ќерката и двособен стан и куќа на синот. Ме интересира бидејќи мене како шесто дете, моите не ми оставиле ниту влакно од главата. Сигурно затајувале данок, имаа фирма за бели печива. Мора да ми откриете од каде ѝ се нејзе парите кога цел живот позајмува од мене, а јас немам ни да јадам – објаснува „обесправената“ сестра.
Гласот од операторот се обидува да ја смири и да ја натера да пријави нешто конкретно за да може да постапуваат по нејзиниот повик.
– Госпоѓо, тоа не е за кај нас – вели операторот.
– За кај вас е, имаат и двојно книговодство за фирмата – вели таа.
Откако се објаснија дека нема основа за пријавата, дека фирмата е затворена, жената сама ја одгатна мистеријата. Односно побара државата да провери дали е вистина тоа што го сонила дека сестра ѝ го има богатството од древната египетска кралица со македонско потекло.
Вакви, а и многу други поконкретни повици добиваат операторите во кол-центарот на УЈП, на бројот 198, кој функционира од 2004 година. Додека екипата на „Дневник“ беше таму, телефоните во контакт-центарот не престанаа да ѕвонат. Стотици граѓани дневно бараат некој да ги сослуша и да го реши нивниот проблем. Најчесто пријавуваат неиздавање фискални сметки, затајување данок на даночен обврзник, неисплатена плата, непрофесионално однесување на даночници. Има и лажни пријави. Но, операторите мора да ги процесуираат, иако не се за кај нив. Анонимноста на тој што пријавува е загарантирана. Но, има и добри информации со кои граѓаните им помагаат на институциите, особено кога се во тек акции на даночните инспектори.
Додека телефоните неуморно ѕвонат разговорот што ни го привлече вниманието беше повеќе од неверојатен. Мајка го пријави сопствениот син дека работи на диво. Приказната оди вака. Двајцата родители се разведени. Синот отвора кафеана во нивната населба и најверојатно ја фаќа страната на таткото. Мајката не добива дел од колачот и тргнува одмаздата.
– Најчесто тие што се јавуваат, ја кажуваат фамилијарната приказна. Мајката бара да му ја затворат кафеаната на синот бидејќи нема регистрирано фирма. Логиката е дека ако не може да заработи таа, да не можат и поранешниот маж и синот – вели операторот, кој го прими повикот.
Вработените објаснуваат дека освен вообичаените повици, чести се и тие кога еден од бившите сопружници бара да проверат колкава е платата на другиот бидејќи не плаќал алиментација. Тие велат дека има јавувања со кои се кодоши сосед што издава стан. Дури се даваат информации каде кираџијата му ги оставил парите за наемнина на комшијата, дали под чергиче, во поштенско сандаче или во кутија.
Според податоците на Управата за јавни приходи, расте бројот на пријавите на телефонскиот број 198.
Статистиката покажува дека ако 2007 година имало 7.000 повици, во 2008 година вкупно 5.000, а во двете наредни години по 4.000 повици. Бројот почнува пак да расте од 2011 година, кога се зголемува на 6.300 повици, за во 2012 година да се искачи на рекордни 8.500 пријави од граѓани, пишива „Дневник“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



