Вкупо 135 долгометражни филма и седум големи фантастични концерти, четири работилници, троцифрен број гости и филмски маратон ќе понуди годинашното издание на Фестивалот на европски филм „Синедејс“ кој ќе се одржи од 9 до 19 ноември во Скопје. По завршување на Фестивалот ќе биде прикажен филмски маратон кој ќе се одржи во џебното кино во МКЦ и ќе трае десет дена, така што, годинешното, 16. издание на „Синедејс“ наместо планираните десет, ќе трае 20 дена.
„Скопска линија, европска вожња“ е мотото на годинашниот „Синедејс“.
– Скопје нема трамвај, нема метро, но го има „Синедејс“. Зошто омилената станица на скопјани е „Синедејс“? Ќе бидат прикажани 135 долгометражни филма, концерти, работилицни и гости кои тука ќе бидат дојдени работно – изјави Златко Стевковски, директор на Младинскиот културен центар (МКЦ).
Шведската сатирична комедија „Плоштадот“, која победи во Кан годинава, на 9 ноември во кино „Милениум“ ќе го отвори 16. Фестивал на европски филм „Синедејс“. Фестивалот официјално ќе заврши на 19-ти со играниот македонски филм „Исцелител“ на Ѓорче Ставревски.
Стевковски на прес-конференција соопшти дека покрај 20-те наслови од гала-програмата, која има звучни режисерски имиња и остварувања наградени на престижните фестивали и кои се најпосетени на „Синедејс“, фестивалот ќе има и вкупно 14 филмови во двете натпреварувачки програми – Официјална и СинеБалкан, потоа музички документарци, шведски филмови од програмата „Земја во фокусот“, МК кратки и студентски филмови, а во придружната програма ќе се одржат седум концерти и четири работилници.
Фестивалот ќе трае до 19 ноември, кога ќе бидат соопштени наградите од натпреварувачките програми (и годинава селектирани од Бернд Будер), а од 20-ти до 29 ноември во Џебното кино на МКЦ ќе има целодневен филмски маратон со проекции во десет различни тематски целини.
Организаторите најавија дека речиси од сите натпреварувачки филмови ќе има гости од филмските екипи, кои по проекциите ќе разговараат со публиката. Меѓу нив ќе биде и Семих Капланоглу – добитник на Златна мечка во 2010 во Берлин. Тој е и претседател на жирито за филмовите од официјалната конкуренција, а на „Синедејс“ премиерно во гала-програмата ќе биде прикажан неговиот последен филм „Пченица“. Меѓу гостите од придружната програма ја издвоија светски познатата кастинг-агентка Ненси Бишоп од работилницата за скрининг-техники на снимање аудиции и филмови.
И оваа година ќе има фонд за награди од по 300.000 денари за најдобриот филм во Официјалната селекција и во СинеБалкан, а ќе се доделуваат и награди за најдобра филмска критика за филмовите што се прикажуваат на фестивалот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.