Одличен избор на филмови нуди вечерва Фестивалот на европски филм „Синедејс“ кој се одржува во Скопје и ќе трае до 19 ноември.
Вечерва во кино „Милениум“ (20 часот) е „Мојот Годар“ во режија на Михаел Хазанавичиус, а два часа подоцна во истото кино е „Кротка жена“ чиј режисер е Сергеј Лозница. И двата филма се во гала-програмата на „Синедејс“.
Во Париз, во 1967 година Жан-Лук Годар, водечкиот филмаџија на неговата генерација, го снима филмот „Кинезинка“ со жената што ја сака, Ана Вијаземски, која е 20 години помлада од него. Тие се среќни, привлечни и вљубени. Се венчаваат. Но, приемот на филмот отвора процес на длабоко самоиспитување кај Жан-Лук. Настаните од мај 1968 г. само ќе го зајакнат овој процес и ќе ја зголемат кризата што го зафаќа режисерот. Длабоко вкоренетите конфликти и недоразбирања ќе го променат засекогаш. Револуционерен, необичен, деструктивен, генијален, тој ќе ги следи своите избори и верувања до критичниот момент.
Приказната во „Кротка жена“ е за жена која живее сама во периферијата на село во Русија. Еден ден ѝ стигнува пакет, кој таа го испратила на нејзиниот сопруг затвореник, означен со „да се врати на испраќачот“. Збунета и изненадена, на жената не ѝ преостанува ништо друго, освен да отпатува до затворот, кој се наоѓа во далечен дел од земјата, во потрага по објаснување. Така започнува приказната за борба против непробојната тврдина, замокот каде што владеат силите на социјалното зло. Пркосејќи на насилството и понижувањето, спротивставувајќи се на сите противници, нашата протагонистка започнува слепа потрага по правда.
Во киното „Фросина“ од 19 часот е „Слоенија, Австралија и утре целиот свет“, македонско –словенечка компродукција која во срцето на приказната сместува еден електричар, кој работи во фабрика и се обидува да заработи дополнителни средства преку мрежен маркетинг. Но одбирањето на овој пат за да овозможи повисок животен стандард за себе и за неговото семејство, исто така доаѓа и со одреден ризик.
Во 21 часот, во „Фросина“ е филмот „Жаба“ на Елмир Јукиќ. Зеко, бербер и поранешен војник, кој страда од посттрауматски стрес синдром, ги кани брат му Брацо и пријателот Швабо на прославата за празникот Бајрам. Тој има намера да го искористи празничното расположение и да го замоли брат му, коцкар и алкохоличар, да ги промени лошите животни навики. Брацо не сака да го слуша и не го сфаќа разговорот сериозно. Зеко става жилет под вратот на брата си, присилувајќи го да вети дека ќе се промени. Брацо бесен си заминува и му кажува на Зеко дека никогаш повеќе не сака да го види, додека Шбаво му предлага на Зеко да оди на психијатар. Сам, без единствениот пријател и без својот брат, Зеко решава да се убие, додека не го спречи Муки, млад човек што продава книги од врата на врата.
Во џебното кино во МКЦ е музичкиот документарец „Забрањено пушење во Сараево“ во 20 часот, а во 22 часот е шведскиот филм „Девојчето, мајката и демоните“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.