| четврток, 6 декември 2018 |

Кривичен прогон за раководството на „Фени“

Компанијата БСГР, малцинскиот акционер на Кунико Ресурсис (Cunico Resources), групацијата во чија сопственост е македонската „ФЕНИ Индустри“, покренува кривична постапка против раководството на фирмата и ги сомнични за Злосторничко здружување, Злоупотреба на службената должност и овластување, Измама, Оштетување или повластување на доверители, како и други бројни дејствија со кои е нанесена штета на БСГР и на други засегнати страни, информираат нивните правни застапници.

Во продолжение целото соопштение од групацијата:

– Како правни застапници на БСГР, малцинскиот акционер на Кунико Ресурсис (Cunico Resources), групацијата во чија сопственост е „ФЕНИ Индустри“, а во насока на неодамнешните случувања кои се штетни за „ФЕНИ Индустри“, а за кои БСГР има претходни сознанија и сомневања, како на ниво на компанија, така и на ниво на групација, а кои дополнително се потврдија со оглед на околностите во кои се наоѓа фабриката со најавениот стечај заради несервисирање на долговите, и генериран долг над 60 милиони американски долари, покрај другите кривични постапки кои БСГР како засегната и оштетена страна веќе ги покрена против различни бордови и раководства на групацијата „Кунико“, во различни судови, сакаме да ја информираме јавноста дека БСГР покренува кривична постапка за кривични дела сторени од раководството на „ФЕНИ Индустри“, и тоа за Злосторничко здружување, Злоупотреба на службената должност и овластување, Измама, Оштетување или повластување на доверители, како и други бројни дејствија со кои е нанесена штета на БСГР и на други засегнати страни.

– Во таа смисла, започнуваме со кривична постапка против Главниот Извршен Директор на ФЕНИ Индустри, Јусуф Миракхмедов кој свесно ја искористил службената положба и овластување за прибавување имотна корист за себе или други лица, измама од големи размери, па на така криминално прибавените средства преку нелегални парични текови им ја прикрил локацијата и движењето, со што направил класичен случај на перење пари.  Дополнително, покренуваме постапка како соизвршители, против Генералниот Извршен Директор Јусуф Миракхмедов и сопственикот, претходно менаџерот на „НОВА Логистика“, Надица Атанасова-Кабранова, за злосторничко здружување, за вршење на бројни нелегални трансакции и активности меѓу „ФЕНИ Индустри“ и „НОВА Логистика“, преку кое е вршено перењето пари, при што „НОВА Логистика“, иако била фирма ќерка на „ФЕНИ Индустри“, на незаконски начин преминала во сопственост на Надица Атанасова-Кабранова.

– Следствено на тоа, имаме основи на сомневање за помагање, заговарање и овозможување на горенаведените криминални дејствија од страна на Амир Абед, кој фигурира на повеќе нивоа во „ФЕНИ Индустри“ и „Кунико Ресорсис“, како и Џереми Неадс, неизвршен член на одборот на директори на „ФЕНИ Индустри“ и други функции на ниво на групацијата. Очекуваме надлежните служби, во најкраток можен рок да започнат истражна постапка за овие кривични дела, во интерес на правдата и заштита на правата и интересите на БСГР како малцински акционер, но и на сите други оштетени лица.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top