| четврток, 6 декември 2018 |

13 концерти на врвни уметници и ансамбли од Македонија и од 6 европски земји на Есенски музички свечености

Тринаесет концерти на врвни уметници и ансамбли од Македонија и од шест европски земји ја чинат програмата на 18-то издание на „Есенски музички свечености“, манифестацијата чија примарна заложба е преку разни форми на изразување да се поттикне, унапреди и развива музичката култура и културата воопшто и што, во организација на Комисијата за култура и уметност – Скопје, ќе се одржи во периодот од 3 до 30 ноември на неколку сцени во градов.

Годинешното, 18-то издание на манифестацијата „Есенски музички свечености“ ќе биде отворено во салонот на Македонската опера и балет со двојна програма. Најнапред ќе биде изведен гала оперскиот концерт со кој ќе диригира Бисера Чадловска, а како солисти ќе настапат првенците Славица Галиќ – Петровска, Игор Дурловски, Павлина Новакова – Георгиев, Нада Талевска – Спасовска, Ирена Кавкалевска и други, а потоа изведбата на реобновената опера во еден чин „Кавалерија Рустикана“ од Пјетро Маскањи во режија на Џандоменико Вакари од Италија и, во оваа пригода, под диригентство на Иван Еминовиќ.

Во понеделник, на 6 декември, во Концертната сала на ФМУ е предвидено да се одржи рециталот на врвниот словачки пијанист Рихард Риккон кој, освен тоа што е добитник на престижната награда „Аурел“ за своите дискографски објави и како организатор на голем број хуманитарни концерти, меѓу познавачите е познат и по „нетрадиционалните изведби со транскрипции на познати композиции“.

Два дена подоцна, во истиот концертен простор, уште еден исклучителен пијанистички перформанс. Со дела на прочуените Морис Равел, Џорџ Лигети и Ерик Сати, четирирачно ќе се претстават македонските уметници и педагози Ана Гацева и Татјана Џорлева.

Во петок, пак, на 10 ноември во 20 часот, во католичката црква „Пресвето срце Исусово“, ќе се одржи концерт на женскиот младински хор „Јубилате“, кој и припаѓа на унгарската хорска школа „Золтан Кодај“. Со овој ансамбл, кој учествувал на бројни национални и интернационални хорски натпревари и бил добитник на бројни награди и признанија, ќе диригира маестро Ференц Шапзон ( и самиот овенчан со награди како „Франц Лист“, „Унгарско наследство“…) а концертот е во рамките на одбележувањето на петте децении од смртта на Кодај.

По нив публиката во концертната сала на Музеј на град Скопје ќе има можност да ги види и чуе „ТриО“ во кое членуваат словенечките уметници Ловорка Немеш Дулар на пијано, Николина Ковач на флејта и хорнистото Роберт Петрич. Тие кај љубителите на убавата музика во родната земја и на интернационалните сцени се особено познати „по своите темпераментни изведби на дела од класичната музика со елементи на џезот и други стилови“.

На 15 – ти ноември, во Концертната сала на ФМУ, професорите и студентите на оваа наша високо-образовна институција ќе ги чествуваат 90-годишнината од раѓањето и 10 годишнината од смртта на македонскиот музиколог и композитор д-р Драгослав Ортаков, а веќе наредниот ден, во Домот на АРМ, е предвидено да настапи ЕЛИС ЧАГЛАР ЏЕЗ КВАРТЕТ од Турција. Прочуената џез пејачка, првата жена со објавен албум со оригинални композиции во историјата на турската дискографија и двојна добитничка на тамошната награда „најдобар џез музичар“, во Скопје доаѓа со материјалот од својот албум „Misfit“ од 2015 година и „со некои нови песни“.

На 18 ноември, во фоајето на МОБ, ќе се одржи вечер на шведска музика, или ако милувате „Музика на Кралското семејство Бернадот од Шведска“, со сестрите близначки и сопранистки Лилјана Јовановиќ и Билјана Стафансон и македонската пијанистка Елена Атанасовска – Ивановска, а два дена подоцна во Концертната сала на ФМУ, со дела од Фредерик Шопен, Клод Дебиси, Гоце Симоновски и Фатос Љумани, ќе се претстави Шкељзен Бафтиари – еден од следбениците на професорите Борис Романов и Симон Трпчески и добитник на бројни меѓународни награди.

Следува традиционалниот концерт на Ансамблот за народни игри и песни на Македонија – „Танец“ во Дом на АРМ, а за 27 ноември е оставен проектот „Динамика на движењата“ на трио „Покрет“ од Србија кое изведува современа музика и во кое членуваат виолинистката Мадлен Стокиќ Васиљевиќ, кларинетистот Милош Николиќ и пијанистката Маја Михиќ.

И конечно за крај се планирани промоцијата на албумот „Рожба“ на Марјан Јанковски и составот ПОРТАЛ во Музеј на македонската борба за државност и самостојност ( вторник , 28 ноември) и концертот на Македонската филхармонија „Поема екстаза“, што ќе се одржи во четврток на 30 ноември во 20 часот. Со ансамблот кој ќе свири програма сочинета од делата на Сибелиус, Скрјабин и Дворжак ќе диригира маестро Конрад ван Алфен од Холандија, а како солист ќе настапи виолинистот Никита Борисо – Глебски од Русија. Тој е добитник на бројни интернационални награди и титули како „Виолинист на годината“ од фондацијата на Маја Плисетскаја и Родион Шчедрин, „Личност на годината“ од рускиот музички магазин „Музичка ревија“, „Виртуоз“ од италијанскиот гудачки сојуз на фондацијата „Антони Страдивари“…и така со ред.

-Годинава имаме огромно задоволство да бидеме домаќини на музичари од шест европски држави, почнувајќи од Словачка, Турција, Шведска, Словенија, Србија и Унгарија, кои со своите настапи и заедно со колегите од Република Македонија ќе придонесат за богатството и жанровската разновидност на вкупно предложената програма на „Есенски музички свечености 2017“, вели Никола Глигоров од Комисијата за култура и уметност – Скопје.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top