Општинските изборни комисии од Могила и Новаци соопштија дека заврши гласањето на болните и изнемоштени лица од тие општини за вториот круг од локалните избори.
До ОИК-Могила пристигнаа девет барања од исто толку болни и изнемоштени лица за гласање во вториот круг од изборите за градоначалник, истакна Славко Велевски, претседател на ОИК-Могила.
– На сите лица им овозможивме да го остварат своето демократско право на избор. Постапивме според законската процедура и сите пријавени гласаа со што гласањето за денес е завршено. Утре во општина Могила ќе се гласа на 23 избирачки места, а според единствениот избирачки список евидентирани се 5.520 гласачи, потврди Велевски.
Гласањето на болните и изнемоштени лица заврши и во општина Новаци.
– За вториот круг од локалните избори за градоначалник на општина Новаци, до ОИК-Новаци пристигнаа осум уредни барања и на сите болни и изнемоштени лица им овозможивме да гласаат. Утре од 7 до 19 часот ќе се гласа на 24 избирачки места, а право на глас имаат 3.076 полнолетни лица, посочи Стевче Стевановски, претседател на ОИК-Новаци.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.