Актуелните прваци на регионалната женска лига, ракометарките на Вардар ја остварија и третата победа сезонава во ова натпреварување. На вториот турнир што се одржува во Љубљана нашите ракометарки со 32-29 го победија домаќинот Крим. Утре на вториот натпревар се среќаваме со Будуќност од 16 часот.
На овој турнир отпатувавме без болната Драгана Цвијиќ, а Андреа Лекиќ иако беше во тимот воопшто не влезе во игра. Таа се пожали на повреда па доби поштеда и не играше. И без овие две ракометарки кои се дел од првата седморка успеавме да победиме. Во тимот сѐ подобро се вклопува левото крило Полина Кузнецова која на оваа средба постигна шест гола, од што пет во второто полувреме.
Домаќинките добро го почнаа натпреварот и имаа водство, се до резултат 6-5 кога дојде пресвртот по што Вардар ја имаше иницијативата и водството. Но, Крим не се откажа така лесно од намерата да ги освои бодовите, особено што сакаше и да профитира од отсуството на две наши ракометарки од првиот тим. До крајот на полувремето се играше израмнето, а во самата завршница Крим постигна гол за водство 18-17.
Неизвесно и со мала предност за домашните, но и наизменично менување на двата тим аво водство се играше и во првата половина на вториот дел кога Вардар повторно ја презеде иницијативата и поведе со 27-25. Та апредност од два гола ја задржа до крајот на средбата.
Натпреварите со Крим и со Будуќност ќе бидат нашите најсериозно контролни средби пред реванш средбата со Ларвик во лигата на шампионите следниот викенд. Oва се мечеви во кои треба да видиме како ќе функционираат новите работи во тимот, во нападот и одбраната.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.