Со учество на над 90 слависти, македонисти, млади научници, историчари, етнолози, студенти од универзитети од 23 земји во светот, од денес до 28-ми јуни во Охрид ќе се одржи 46-тата по ред Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура.
Школата ќе биде отворена в сабота во Конгресниот центар на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Охрид, каде што на 29 јуни ќе биде одржана и 40. Меѓународна научна конференција на Семинарот.
Покрај познати македонисти кои редовно учествуваат на Школата, како Ала Шешкен од Русија, Иван Доровски од Чешка, Волф Ошлис од Германија, Маќеј Кавка, Ирена Ставова-Кавка и Јан Соколовски од Полска, Бранко Тошовиќ од Австрија. Предавања, лекторски вежби и секции за македонски јазик и литература ќе посетуваат и лингвисти, преведувачи и студенти од САД, Кина и од повеќе европски земји, а првпат од Финска.
Според организаторите, главни цели на Семинарот се да се зголеми интересот за македонскиот јазик и промоција на македонската култура во светот.
Македонскиот јазик се изучува на 11 лекторати низ светот и во 28 центри во форма на катедра или институт. Лани лекторатот во Kиев доби дозвола за финансирање од Министерството за образование и наука, а на иницијатива и на трошок на УKИМ испратен е лектор во Грац, Австрија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.