Излегува ли „Алијанса за Албанците“ од Владата? ТВ „Телма“ дознава дека Зијадин Села има сериозна намера да го стори тоа. Се чека резултатот од вториот круг на изборите, по што ќе биде донесена дефинитивна одлука. Од неговата партија демантираат велејќи дека ова е измислица на ДУИ.
Деновиве и двете партии си праќаат остри пораки. Првин Села ја обвини ДУИ за изборни манипулации во Струга и јавно го постави прашањето за реформските заложби на Владата. Откако вчера ја официјализира коалицијата со Беса за вториот изборен круг, стигна порака и од Бујар Османи дека ќе ја преиспитаат
владината коалиција.
Од „Алијансата“ веднаш му вратија дека, за среќа, тој не одлучува за тоа и дека во Владата нема место за тие што биле дел од криминализираниот систем. Денеска, пак, ставот на ДУИ е сосема поинаков од вчерашниот.
Социјалдемократите се држат настрана од овие престрелки. Само кусо ни одговорија дека тие немаат намера да ја раскинат коалицијата. Доколку Села ја напушти Владата, мнозинството во Собранието ќе биде кревко. И да се приклучи кон ДУИ нивниот поранешен пратеник Весел Мемеди, коалицијата ќе остане со 60 пратеници. Веројатно, ќе сметаат на поддршката на Чедомир Саздовски, кој излезе од ГРОМ и стана независен пратеник, но повторно секогаш ќе бидат на границата. СДСМ има 49 пратеници, ДУИ 10, а „Алијансата“ остана со двајца.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.