По грандиозните настапи на Пол ван Дајк на првото издание и ланската кулминација со Армин ван Бурен, првиот артист што ви го претставува „Грин бич фестивал 4“ е господарот на транс-музиката – Фери Корстен (Ferry Corsten).
Продуцент, диџеј, пионер, иноватор, визионер – Фери Корстен е човекот што самостојно ја иницираше револуцијата во денс музиката – оној кој одамна допре до секој дел од светот. Креирајќи го холандскиот транс звук, истиот тој звук го наметна на клубската свесност и понатаму го издигна во популарната култура. Оттогаш продолжува да иновира на секој чекор, работејќи со вокалисти, како што се различните Сајмон ле Бон и Гуру и правејќи ремикси за некои од најдокажаните светски музички имиња, меѓу кои и „Ју Ту“, „Д килерс“, „Фејтлес“, Моби и Вилијам Орбит.
Во дваесетгодишната кариера тој предвиде што е она што го сака клупската публика, и како артист, диџеј и продуцент им го донесе токму тоа. Има објавено четири албуми под неговото име со кои ги освои срцата и импресиите на легии фанови, а по пат ги освои некои од најпрестижните светски музички награди. Редовно е рангиран како еден од најдобрите 10 диџеи на светот, а последните години се посвети и на добротворните активности, соработувајќи со фондацијата „World Wildlife Fund“.
Откако во 2011 ја одбележи 20-годишнината од својата работа на електро денс сцената, минатата година Фери Корстен го објави и својот последен студиски албум „WKND“.
Со неговиот секогаш уникатен и иновативен музички стил, но и новите изненадувања на фестивалот, посебно уредената плажа „Парк“ повторно ќе биде епицентарот на електронската фестивалска енергија и илјадниците фанови на врвниот звук на модерната музика. Сите кои досега биле дел од Green Beach искуството, знаат каква е таа магична трансформација на специјално уредената плажа „Парк“ за овој настан: повеќе од 10.000 весели клабери, танчерки, несекојдневно аудиовизуелно доживување и незаборавно чувство кога со разиграните луѓе наоколу ќе го дочекате изгрејсонцето на плажа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.