| четврток, 6 декември 2018 |

Влезот на Хрватска во ЕУ ќе го зголеми извозот на македонско вино

vino

Македонските производители на вино очекуваат позитивен ефект од членството на Хрватска во ЕУ. Извозот, посебно на вино во шише,  кое е доста популарно на овој традиционален пазар, веќе нема да биде ограничен, пишува „Дојче веле“.

– До оваа година за вината од Македонија, Хрватска имаше свои квоти кои не беа доволни за наше позначајно присуство на тамошниот пазар. Извозот над овие квоти беше дополнително финансиски оптоварен што влијаеше врз зголемување на крајната малопродажна цена на нашите вина, што нè правеше помалку конкурентни. Со влезот на Хрватска во ЕУ добиваме можност за зголемување на извозот бидејќи националните квоти се укинуваат, а ќе важат квотите на ЕУ кои се многу поголеми – вели за „Дојче веле“ Марија Митева, директорка на винарницата „Сковин“.

 

Во согласност со договорот со ЦЕФТА од 2006 година, бесцаринската квота за извоз на вино во Хрватска изнесуваше 6,7 милиони литри. Овие квоти од 1 јули веќе нема да важат за Хрватска, но барем засега нема ни да се додадат на оние што важат на ниво на ЕУ. Извозниците се надеваат дека наскоро и тоа ќе се промени.

 

Од винарниците очекуваат проблем на почетокот да има само за наливното вино поради фактот што со влегувањето на Хрватска во ЕУ бесцаринската квота останува иста.

 

Европската унија останува најзначаен партнер за македонското вино, посебно пазарите во Германија, Чешка и Словачка.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top