| четврток, 6 декември 2018 |

Владата не реализирала ниту еден проект за младите

По преземањето на власта, Зоран Заев и СДСМ ги извисија младите иако во предизборната кампања им ветуваа мед и млеко.

Но, засега Владата на СДСМ не покажа никаков интерес за младите и за нивните проблеми.

Во овие четири и пол месеци од доаѓањето на Заев на премиерската функција не е реализиран ниту еден проект кој би можел да ги подобри условите за живот на младите.

Тоа доведе и до масовно иселување на младата популација, па така во овој период се иселија 31.170 млади на возраст од 18 до 37 години. Најголемиот дел од нив се од Струмица, Куманово, а има и од Скопје.

Пред скоро една година Шеќеринска гордо се фалеше дека тие имале план како да ги задржат младите во Македонија, планот кој очигледно е само еден од многуте неуспешни планови и лаги на СДСМ.

-Имаме план како младите да останат тука во Македонија, тука да формираат семејство, тука да најдат работа, тука да ја градат својата иднина. ВМРО-ДПМНЕ и Груевски имаа десет години да го сторат тоа. Да понудат пристоен живот и еднaкви шанси за сите, но тоа не го сторија. Тие сметаат дека најважно од сѐ е да ги полнат своите џебови и сметки низ рајските острови, изјави лани во ноември Шекеринска.

Пред две години пак премиерот Заев, пред граѓаните ветуваше дека ќе ги враќал и оние веќе се иселени од државата.

-Ќе ја нормализираме нашата земја, ќе ги вратиме институциите, ќе отвориме квалитетни работни места за да го вратиме овој моќен извор во земјата, младата популација, и заедно да ја градиме иднината на нашето општество, изјави Заев во октомври 2015 година.

СДСМ пред изборите им ветуваше брда и долини на младите и студентите, а веднаш откако дојде на власт заборави на се она што ги излажа пред изборите и им го сврте грбот на младите. СДСМ не даде поддршка на Законот за издавање на вредносни бонови-ваучери, а со тоа ги спречи студентите да добијат 18.600 денари за набавка на компјутери, кој беше само еден од многу проекти на Владата на ВМРО-ДПМНЕ за младите.

Заменикот на Зоран Заев во партијата и сега министер за одбрана во Владата на СДСМ, Радмила Шеќеринска лажно ветуваше и младинска гаранција за граѓаните, која младите се уште ја чекаат, но новата власт заборави на ова веднаш откако седнаа во фотелјите, а младите се плашат дека ова ќе биде само уште една од многуте лаги искажани од Шеќеринска и Заев.

-Проектот гаранција за млади ќе значи дека државата ќе им гарантира на сите млади граѓани во Македонија, дека веднаш во завршувањето на образованието, во рок од 4 месеци или ќе може да го продолжи образованието, или ќе добие понуда за работа, или да добие можност за практика, обука или тренинг, со кои што ќе се прилагоди на потребите на некое работно место кое што е на располагање, пред изборите лажно ветуваше Шеќеринска.

Од сите овие ветувања денес може да се забележи само игнорирањето на младите, кои како да не постојат за СДСМ и Владата на Зоран Заев.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top