Концертната агенција и продукција „3Гонга“ од Скопје во соработка со ноќниот клуб Станица 26 започнува со концертни настапи на звучни и препознатливи џез и блуз музичари не само од земјава, туку и светски етаблирани. Па така на 11 октомври со почеток во 22 часот настапува македонскиот гитарист, текстописец и продуцент Дамир Пух. Неговиот настап е наедно и концертна промоција на неговиот нов албум. Дамир учествуваше на гитарски мизички избор надвор од Македонија, каде во ранг на 450 гитаристи од цел свет беше избран во најдобрите 7, а потоа следеа многу први награди на други фестивали. Има одлично чувство за композиција. Така, неговиот албум кој ќе биде промовиран на 11 октомври е вистинско гитарско ремек дело.
Веднаш следната вечер на 12 октомври со почеток во 22 часот закажан е концертен настап на американскиот гитарски феномен Ерик Геилс, за кој светската критика симболично вели дека е музичка реинкарнација на Џими Хендрикс.
Зад новоформираната концертна агенција и продукција „3Гонга“ стојат тројца исклучителни и долгогодишни музикофили Александар Пејчиновски – Пејчи, Васја Ивановски и Здравко Ситновски – Ситна, подеднакво познати на скопската андерграунд и на меинстрим сцената.
За ноември „3Гонга“ имаат зацртано уште поамбициозна програма… како засебни концертни настапи ќе имаат холандскиот гитарист Јан Акерман, нашиот брилијантен гитарист Дамјан Пејчиноски, понатаму љубимецот на скопјани Рамбо Амадеус и американскиот тапанар Денис Чемберс. Кон крајот на октомври концертна промоција ќе има и нашиот гитарист Давид Нешкоски.
За оживувањето на клупската џез сцена Александар Пејчиновски вели:
-За вакво нешто се зборува и имаме желба многу одамна. Не би се ограничил на џез сцена ќе има блуз, рок, фанки, соул вечери и се што е добра музика во склад со имиџот на клубот. Ние како тројка сме поделени со вкусовите, јас сум по џезот, фанкот и соулот, Васја по блузот и Ситна по рокот, но едно не спојува, добрата музика. Скопје ќе добие место каде ќе се слуша музика во живо, клупски свирки. Мислам дека градот ова го заслужува, покрај Скопскиот Џез Фестивал, Блуз енд Соул фестивалот и другите фестивали од делот на визуелна и аудио уметност, дојде момент на развој на клупската сцена како посебна урбана култура“.
Овој период концертната агенција е во активна комуникација со концертни менаџери од светската сцена.
-Преговараме да го донесеме Брус Вилис во Скопје, во моментов тој е на турнеја со својот блуз бенд, тој свири одлично саксофон, а со музика се занимава пред да стане она што е денес. Лајнел Ричи и особено Кул Енд Д Генг се оние со кои јас израснав и беа редовно пуштани од моја страна на сите забави. Лајнел Ричи 2018 година е на концертна турнеја на отворени сцени, простори. Кул Енд Д Генг исто така се на турнеја, но со друг пејач. Преговараме со Фред Весли кој е дел од легендарната група Д ЏејБис каде беше заедно со Џејмс Браун и Мејсио Паркер. Нилс Ландгрен, носител на новиот бран на фанк музика, неговите албуми често и ги пуштам во мојата емисија на Антена 5 во понеделник од 20 до 22 часот. Преговорите се во тек да се надеваме дека овие големи ѕвезди Скопје ќе ги доживее додава Пејчиновски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.