Родители со синџир го врзале својот син за веце-шолја за да не може да излезе и да земе дрога, друг родител ја претепал ќерка си и им признал на лекарите: „на мала душа ја оставив“, но продолжила да се дрогира. Двајца браќа потрошиле 30.000 евра на дрога, пари што ги добиле од продажба на станот на родителите. Друг наркозависник го продал мебелот од домот на татко си, а на крај му ја побарал и бурмата за да ја продаде за дрога, пишува весникот „Дневник“.
Овие примери ги посочил д-р Стево Бојаџиев, психијатар кој 38 години работел со зависници, на трибината за наркоманија организирана од Македонско-турското друштво од Битола. Тој вели дека во градот се евидентирани 300 наркозависници, но се проценува дека секој од нив се обидува да навлече уште седум други лица, па неофицијалните процени се дека има над 2.000 уживатели на дрога во Битола.
– Во темна просторија носат очила. Постојано им студи. Носат долги ракави зашто рацете им се со тромбофлебити. Зениците им се како главичка од топуска. Пијат претежно портоколада, јадат благи работи, супа, а месо не. Родителите мора да бидат вистински пријатели со децата, да разговараат, со време да се запре работата. Да не настапуваат гестаповски и инспекторски – додава Бојаџиев, пренесува „Дневник“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



