| четврток, 6 декември 2018 |

Деведесет слависти од 23 земји доаѓаат на Семинарот за македонски јазик во Охрид

Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, кој го организира Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, годинава привлече 90 слушатели од 23 земји од светот. Од 15 до 28 јуни, на 46. Летна школа на Семинарот, кој следејќи ја традицијата и овој пат ќе се одржува во Охрид, на македонски ќе зборуваат и ќе се запознаат со нашата култура и уметност слушатели од Австрија, Албанија, Белгија, Бугарија, Германија, Италија, Канада, Јужна Кореја, Полска, Унгарија, Турција, САД, Србија, Франција, Хрватска, Чешка… и првпат од Финска.

Ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Велимир Стојковски, на вчерашната прес-конференција рече дека учесниците на Семинарот нема да го изучуваат само македонскиот јазик, туку и ќе се запознаат со убавините и културните знаменитости на Охрид.

– Сѐ поголем е бројот на слушатели на Семинарот, што значи дека лекторатите добро си ја вршат својата работа. Моментно Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ има 11 лекторати и 28 центри за изучување на македонскиот јазик во светот – рече Стојковски.

На новинарско прашање зошто не се отвораат нови лекторати, ректорот истакна дека бројката од 11 постепено се движи нагоре иако треба да се оствари поголема соработка меѓу универзитетите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top