Веројатно и не се знае кога и како се одвивала првата временска прогноза, иако сме учеле за обидите на античките Грци, за сезонската прогноза на Талес од Милет поврзана со бербата на маслинки, за прогнозите кои се темелеле на треперењето на ѕвездите, итн… Првата поегзактна прогноза била издадена од адмирлот Фиц Рој, инаку капетан на бродот Бигл, оној со кој патувал Дарвин кон Галапагос. Првите научни методи датираат од почетокот на минатиот век, а со ерата на компјутерите оваа наука добива вистински замав.
Но, и покрај сите предности од информатичката ера, сепак сеуште неможеме да направиме вистински детерминизам на хаосот во нашата атмосфера. Во принцип, сеуште не можеме да се ослониме на долгорочните прогнози. И барајќи ги одговорите во дигиталниот свет, некако престанавме да го набљудуваме светот околу нас, заборавивме дека ние не сме единствените на планетава кои во голема мера зависат од времето кое ни претстои. Постојат таканаречени фенолошки индикатори, кои се базираат на однесувањето на флората и фауната, кои можат да ни помогнат подобро да ги разбереме промените кои ни претстојат, но уште повеќе ни помагаат кога сакаме да „ѕирнеме“ во минатото кога не постоеле инструментални мерења. Интересни се промените во природата кои се случуваат во септември.
Добар пример е жолтеењето на листовите на брезата. Доколку пожолтеат прво листовите на врвот на дрвото, тоа е знак за постудена есен и зима, а дококолку пожолтеат прво листовите во понискиот дел на дрвото, очекувајте потопла есен. Научно гледано, овие промени имаат голема логика.
Жолтеењето на листовите започнува кога просечната температура на воздухот ќе „падне“ под 16°С. Во овие услови растенијата престануваат да продуцираат хлорофил, започнува жолта пигментација на листовите. Може да се заклучи дека жолтеењето ја отсликува температурната промена со висина. Ако жолтеењето започне одоздола нагоре, тоа е добар индикатор дека температурата близу тлото навечер е доста пониска и дека тлото бргу се лади. Ова пак, е индикатор на воспоставено антициклонално влијание, кога ноќите се свежи, деновите топли, а времето е сончево и стабилно.
Во циклонални услови кога деновите се постудени, а ноќите се потопли, жолтеењето почнува од врвот кон дното на дрвото. Во овие услови обично станува збор за облачно и врнежливо време за подолг период.
Знаци на промена на времето можат да се бараат и во однесувањето на пајаците.Имено плетењето на погуста и поцврста мрежа е индикатор на студена есен, додека плетењето на поретка мрежа, распослана на тревата е индикатор за потопла есен. Ентомолозите имаат забележано дека во очекување на влошување на времето, дождливо и ветровито време, пајаците не плетат нови мрежи, ниту ги поправаат старите. Најлогичен одговор на ова однесување е тоа дека пајаците можат да ги почувствуваат промените на атмосверскиот притисок.
Дури е забележана разлика во однос на видот на инсекти кои се „фаќаат“ во пајаковата мрежа. Во очекување на топло и стабилно време, најчесто во мрежата можат да се забележат крлежи, додека во очекување на дождливо и постудено време во мрежата можат да се најдат кожурци и мали пеперутки.
Во старо време индикатори за сезонските промени се барале дури и во насоката на отворот на црвјите дупки. Кога тие биле насочени кон север, се очекувале топла есен и зима, а кога биле на југ, студени есен и зима. Логиката која е зад ова однесување е тоа дека црвот при излегување од дупката нема да трпи големи темперауутни промени, доколку дупката е правилно насочена.
извор:метеопро.мк
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.