| четврток, 6 декември 2018 |

Шпанија предупреди дека ќе дејствува ако Каталонија прогласи независност

Вицепремиерката на Шпанија, Сораја Саенс де Сантамарија, денеска изјави дека Владата е подготвена да преземе дејствија ако каталонските сепаратистички лидери утре, како што ветија, прогласат независност на Каталонија.

– Ако (Каталонците) прогласат независност ќе има решенија за враќање на законите и демократијата, рече Саенс де Сантамарија.

Каталонскиот Врховен суд објави дека побарал од шпанската национална полиција да обезбеди поголема безбедност на зградата, во случај регионалниот парламент да ја прогласи автономната област за  независна.

Каталонскиот премиер Карлес Пучдемон ќе зборува утре вечер во регионалниот парламент. Политичките сепаратисти велат дека тогаш ќе биде прогласена независност, иако според некои пратеници од владејачката коалиција, овој чин ќе биде симболичен.

Саенс де Сантамарија ги повика членовите на каталонската влада „кои сè уште ја почитуваат демократијата и слободата, да не се фрлаат во амбис”.

Шпанската Влада го отфрли барањето на Советот на Европа да спроведе брза и независна истрага за наводите за полициско насилство за време на референдумот во Каталонија на 1 октомври, изјави денеска комесарот за човекови права, Нилс Мужниекс. 

– Безбедносните сили постапија внимателно, соодветно и пропорционално, за да го спроведат законот и да ги заштитат правата и слободите на граѓаните, рече шпанскиот министер за внатрешни работи, Хуан Инасио Зоидо Алварез, како одговор на барањето на Мужниекс.

Франција нема да ја признае Каталонија ако шпанскиот автономен регион еднострано прогласи независност, рече министерот за европски прашања, Натали Лоазо.

Таа повика „кризата да биде решена преку дијалог на сите нивоа во шпанската политика”.

Лоазо говореше и за опцијата дека ако се признае независноста на шпанскиот регион тоа ќе значи дека Каталонија автоматски ќе ја напушти ЕУ.

Германската канцеларка Ангела Меркел во саботата разговараше со шпанскиот премиер Мариано Рахој, објави нејзиниот портпарол.

Двајцата разговараа за каталонската криза, а Меркел изрази поддршка за интегритетот на Шпанија. Истовремено, таа повика на повеќе дијалог.

Исто така, во саботата Меркел разговараше за ситуацијата во Каталонија и со претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top