Грција, дефинитивно, не сака да се реши спорот за името во овој момент и покрај апелите од Европската комисија, Европскиот парламент, САД и останатата меѓународна заедница.
И на средбата со посредникот Метју Нимиц со шефот на македонската дипломатија Никола Попоски се потврдени впечатоците дека на една страна во спорот е Македонија, која ги исполнува обврските и сака да се надминат разликите за името, а на другата е некооперативната Грција.
– Од друга страна, ја имате страната која го наметнала спорот, која во континуитет во овој временски период не ги почитува преземените обврски, не покажува доволна проактивност за надминување на спорот и очекува да игра на факторот време, до следниот Совет, односно да не се случи никакво придвижување, а на Советот да не биде донесена одлука за почеток на преговорите со Европската унија – изјави Попоски.
Оттаму неизвесна е судбината на последниот предлог на посредникот Нимиц, даден на 8 април годинава, од кој очекуваше повратни одговори од двете страни овој месец.
Според Попоски, формирањето на комисијата за настаните од 24 декември е значаен чекор за земјава, но и за демаскирање на грчката политика.
– Во подолг временски период тоа беше користено како затскриена причина или само како еден начин за извинување и заобиколување на логичната одлука за почеток на преговорите. Со креирањето на комисијата мислам дека тој аргумент е целосно елиминиран и во овие услови е демаскирана стратегијата, односно пристапот на оној кој не ни овозможува почеток на преговори, дека во континуитет само се бараат изговори – вели Попоски.
Самитот на Унијата се ближи, а според досегашните реакции Грција ќе мора да најде друга причина зашто одлуката за почеток на преговори со Македонија треба да се одложи, и покрај четирите последователни препораки и поддршката на сугестиите на еврокомесарот за проширување Штефан Филе, кој предложи преговори за членство, паралелно со решавање на спорот за името во раната фаза од процесот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.