| четврток, 6 декември 2018 |

МВР два дена молчи за смртта на Абази

Министерството за внатрешни работи два дена молчи за смртта на независниот кандидат за советник во општина Кичево Алит Абази кој беше застрелан на 26-ти минатиот месец во Кичево, на вториот ден од изборната кампања за локалните избори.

Она што за МВР е вообичаена пракса, за случајот со Абази станува исклучок. Ниту во вчерашниот, ниту во денешниот билтен на полицијата нема информација дека независниот кандидат за советник им подлегнал на повредите добиени од огнено оружје.

Вообичаено, МВР за случаи во кои има некој нов момент (пронајдено исчезнато лице, починато лице по сообраќајна несреќа и сл.) објавува информација во која се наведува дека истата се однесува за случај регистриран од полицијата и објавен претходно во дневен билтен. Ова особено е пракса за случаи каде има кривично дело. Но, не и за случајот со Абази.

Примери од полициските билтени на МВР

За потсетување, Абази беше нападнат од зад грб, додека бил со шефот на неговиот изборен штаб, Дестан Абдиу кој исто беше мета на напаѓачот. Нападот се случи во центарот на Кичево.

Абази неколку дена се наоѓаше во критична состојба на Одделот за интензивна нега на скопските клиники. Имаше сериозни повреди на абдоменалните органи и сериозни повреди на р’бетот и р’бетниот столб. На повредите им подлегна вчера околу 4 часот наутро.

Мотивите за неговото убиство се уште не се  разјаснети, но, сепак, крвавиот настан се случи во тек на изборна кампања, што говори дека претстојните локални избори сепак нема да поминат без нерегуларности, ако се земе предвид фактот дека веќе се случија и и други физички пресметки.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top