Министерството за образование и наука реагираше на соопштението на СДСМ и со жалење констатира дека СДСМ обидувајќи се да освои ситни дневно-политички поени, во недостиг на идеи свесно ја манипулира јавноста.
Во реакцијата на МОН понатаму стои: Принципите на моралност, етичност и одговорност кон граѓаните на Република Македонија, ни даваат за обврска редовно и правилно да ги информираме.
Имено, ноторна невистина е податокот наведен во соопштението на СДСМ во коешто се вели дека 200.000 семејства во Македонија дека ова лето треба да заборават на годишните одмори, поради тоа што нивните деца ќе бидат повторно тестирани.
За волја на вистината, од почеток на овој комплексен процес којшто опфаќа околу 200.000 учесници (193.176 ученици) и многу податоци, досега беа опфатени и успешно тестирани 180.000 ученици од основните и средните училишта во Република Македонија, по вкупно 2930 предмети.
Во втората сесија ќе полагаат учениците коишто поради оправдани причини, отсуство, болест, присуство на училишни натпревари и слично, не биле тестирани во првата сесија. Тие ќе полагаат за прв пат, додека, релативно мал е бројот на ученици коишто ќе полагаат поради технички нефункционалности на системот.
Сепак, напоменуваме дека ниеден ученик нема да биде оштетен и нивното знаење ќе биде соодветно вредувано.
Токму СДСМ потврдува дека е еден од општествено-политичките чинители коишто ја оспоруваат имплементација, валидност и значење на екстерното тестирање, коешто сепак е една од круцијалните реформи во македонскиот образовен систем.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


