Во секторите на сценска техника и администрација сме дефицитарни, а сосема е друга ситуацијата во оркестарот, истакна на денешната средба со новинарите, в.д на МОБ, Илија Рајковски.
-Оркестарот е димензиониран на 94 професионални оркестарски уметници кои работат со решенија и плус една група на хонорарци. И сега имаме една предимензионираност на оркестарот, да не претерам ама на ниво на Њујоршката филхармонија од 115 луѓе. Тоа е една ситуација која што е катастрофална заради тоа што со оваа програма што ја имаме, а која објективно е таква каква што е, и не може во овој момент да биде поголема, некои од луѓето нема да можат да свират и по два или три месеца. А потребите што ги налага партитурата се 76- 78 оркестарски уметници. Независно од тоа што јас имам искуство, ја водев операта претходно, се обидов да консултирам и соседни куќи кои живеат во истиот амбиент како нашиот, поранешните југословенски простори, Бугарија итн, секаде составот е 76 до 78 уметници, рече Рајковски.
Како решение за проблемот образложи префрлување во МРТ.
-Кај нас имаме предизмензионираност. Дадовме еден предлог во Министерството за култура, се надевам дека ќе одговорат на тоа наше барање, да се ослободиме од дел од вишокот во оркестарот и тие луѓе да се прифатат во други институции кои треба да се вратат во една друга позиција како што беа своевремено, а тоа е продукцијата на Македонската радиотелевизија. Бидејќи колку што знаеме, Владата веќе има преземено одредени стратешки позиции во однос на реорганизирање на МРТ и дека продукцијата е еден дел од оние институции кои можат овие вишоци да ги преземат, бидејќи претпоставувам дека и во Филхармонија има повеќе оркестарски уметници коишто за жал мораме така да ги крстиме дека се вишоци, бидејќи партитурите тоа не го трпат, вели Рајковски.
Предлогот да ги преземе МРТ, вели Илија Рајковски произлегува од следново:
-Колегата Крсто Скубев беше долги години претседател на УО на МРТ и информациите од Europe broadcasting union треба јавниот сервис да биде компатибилен со јавните сервиси на таа асоцијација. Претпоставувам дека оние можеби не го поставуваат експлицитно условот да имаме, но ние мораме да имаме продукција заради нашите македонски, државни и национални потреби, затоа што во овој момент се што пишуваат композиторите во Македонија, нема кој да им го снима. А тоа е дел од културната историја на овој народ.
Второто решение е формирање камерни оркестри.
-Камерни состави кои ќе работата во рамките на нашата куќа, ќе музицираат, се надеваме со голем успех, бидејќи имаме и млади диригенти кои ќе бидат задолжени за таа работа, а во исто време младите колеги да не се почувствуваат отфрлени, туку дека навистина креираат, вели Рајковски.
Тој исто така го изложи концептот на работа на куќата.
-Имаме 149 типизирани работни места кои треба да се хармонизираат и во основа сме најголемата институција во културата и често не споредуваат со индустриски компекс од најголем размер и токму затоа треба да се направи консеквентна организациона шема која ќе ги хармонизира сите односи и информациите кои се најбитни, да се движат на вистинскиот начин, во вистинскиот правец за да се забрза, инаку, по дефиниција тромата технологија на создавање на нашите претстави.
-Сакале ние да признаеме или не, во еден драмски ансамбл се дава текст, двајца глумци, три-ќетири реквизити на сцена, сценографија и они ја прават претставата за десет-петнаесет дена. Кај нас и балетските и оперските уметници треба долго време да се бават за за да излезе претставата така како што треба. Таа тромост предизвикува кај нас да спроведеме една специфична организациона шема која што кога дојдов на ова место, иако долги години работам тука и познати ми се работите, сфатив дека поготово во сферата на техниката и администрацијата каде што воглавно се создаваат предуслови за уметниците да можат да уживаат онака како што треба на сцена и својата креативна осаменост да ја истурат на сцена, сфатив дека се работи за една длабоко организациона шема која е неконсеквентна на времето кое што го живееме. Затоа во реорганизацијата што треба да ја спроведеме и веќе ја спроведуваме ќе примениме т.н. плитка организациона шема каде што сличните и исти видови на труд се групирани во помали зрнести структури и тие меѓу себе многу брзо ќе ги разменуваат информациите , така што сметам дека ќе се забрза и технологијата и квалитетот во нашето работење, образложи директорот.
-Ако досега раководител на сценска техника и администрацијата беше еден човек, сега таму нема да има еден човек, туку ќе има повеќе раководители, кои по принципот на делегирање на овластувања кои јас им ги дадов ќе бидат раководители во рамки на своите сектори, групи итн кои што ќе работата. Значи ако природна е позицијата на операта и балетот во сценатака техника постои нешто што се вика опрема на претстава, опслуга на претстава, административен дел, постои дел општа безбедност на нашата куќа која ги опфаќа сите технички аспекти…, рече тој.
-Во одредени сектори ние сме веќе на салдо нула со кадри, а во одредени делови имаме предимензионираност.Тоа е многу важна работа дури и за јавноста, бидејќи многу се манипулираше со некои факти. Говорам за сценската техника. Ние имаме капацитет на фабрика за опремување на сите театри во Македонија со сценографија, костими, реквизита и сите оние потреби што се неопходни за сцената. Моментално немаме ниту еден вработен бравар, немаме ниту еден машки шивач, имаме само еден вработен во столарската работилница, сега со заминување во пензија на нашата колешка имаме само еден шнајдер во женската шивална и тоа нас не упатува кон еден друг начин на организирање на потребите на сцената, односно да бараме надоврешни соработници, односно фирми коишто ќе ги изработуваат и сценографските и костимографските елементи и дури и оние поситни работи…Ако сето тоа го ставиме на купче ние сега пред Министерството за култура ќе мораме да испорачаме една фактура која што се вика: најмалце 40 луѓе за вработување. Тоа е работа која ќе мораме да ја направиме, а какви ќе бидат буџетските услови во Министерството за да ни одговорат на тоа барање, ќе видиме. Но, се надевам дека одредени потреби ќе бидат ставени во Националната стратегија за развој на културата во Македонија 2018-2023, којашто ја добивме, истакна Рајковски, а на крајот се осврна и за финансирањето на куќата, репертоарската политика.
Бисера Чадловска, уметнички директор на Операта говореше за подготовките за одбележувањето на 70 години постоење на македонската опера со „Кавалерија Рустикана“ и концерт на кој ќе настапат сите солисти, подготовките за Мајски оперски вечери итн.
-Операта мора да застане на нозе со класичниот репертоар кој некаде низ годиниве ни се изгуби. Имаме претстави кои не знаеме каде ни отидоа, пропаднаа, ги снема, нема нивни сценографии, , нема костими… Мене ми е целта да се одржува класичниот репертоар бидејќи тој е основата на операта, а се друго е споредно. Ќе ги користам нашите солисти и сакам да се воведе ред во операта: секој да си ја знае работата и се да тече така како што треба, рече Чадловска
Олга Панго, уметнички директор на Балетот, првата премиера во новата сезона ја најави за 18 октомври, „Балетскиот триптих на Ицак Галили“. Панго рече дека на две балетски парчиња ќе работи светски познатиот кореограф Галили, а на третото Хрватот Сташа Зуровац.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.