| четврток, 6 декември 2018 |

Францускиот Парламент го донесе Законот за борба против тероризмот

Француското Национално собрание попладнево со големо мнозинство го усвои Законот за борба против тероризмот.

За Законот гласаа 415 пратеници, 127 беа против, додека 19 беа воздржани. Се очекува законот да стапи во сила кон средината на месецов.

Гласањето се одржа по жестока дебата и само два дена по убиството на две млади жени на железничката станица во Марсеј. Напаѓачот беше убиен од страна на војници, а одговорност за нападот презеде групата Исламска држава (ИД).

Според Владата, Законот е „одржлив одговор на одржлива закана”, но текстот наиде на критики од левицата како „напад врз слободите”.

Со овој Закон треба да се овозможи примена на некои мерки од вонредната состојба, воведена од претходната Влада по нападите на 13 ноември 2015 година. Вонредната состојба, која им дава на властите исклучителни овластувања, требаше да биде само привремена мерка, но е продолжена шест пати поради напади и постојаната закана од тероризам.

Меѓу најконтроверзните одредби на Законот е можноста без контрола да се стави некој осомничен во куќен притвор. Од друга страна, отсега ќе биде неопходна судска наредба за извршување „домашни посети”, кои ги заменуваат досегашните „административни претреси”.

Предвидено е да бидат проширени и можностите за проверки на идентитетот – тие ќе бидат дозволени околу станиците (а не само во објектите како досега), како и во радиус од 20 километри околу пристаништа и аеродроми.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top