| четврток, 6 декември 2018 |

Македонец во Данска осуден на доживотен затвор за двојно убиство бара да се врати дома

Во 1984 година, тогаш југословенскиот државјанин Наум Цоневски убил две момчиња во Феморен, на островот Амагер во Копенхаген. Данскиот Врховен суд во понеделник ќе почне да го разгледува неговото барање за ослободување.

Откако Градскиот суд на Копенхаген го одби првото барање на Цоневски за ослободување, сега повисок суд ќе ја разгледува жалбата на поранешниот такси возач, кој сака да се врати во Македонија, пишува данскиот “Локал”.

Цоневски убил двајца дански тинејџери кои кампувале во Феморен, на 20 мај 1984 година. Тој им наредил на тројцата другари да излезат од шаторот во кој спиеле, по што убил двајца од нив, еден 16-годишен и еден 20-годишен, така што им пукал во глава. Третиот од тројцата другари успеал да побегне и покрај тоа што било пукано и на него.
Една година подоцна Цоневски бил осуден на доживотна казна затвор, по свирепото убиство кое што ја шокирало Данска. Тој, исто така бил осуден и за убиство во обид и неколку други сериозни криминални дела.
Откако одлежал повеќе од три децении од казната, сега 68-годишниот двоен убиец бара да биде ослободен и испратен во Македонија, каде што живеат неговата сопруга, децата и неговите внуци.
Во мај Градскиот суд на Копенхаген го отфрлил барањето, па сега Цоневски се обратил на повисок суд.
Тогашното убиство добило огромен публицитет во Данска во 80-те години, не само заради тоа што Цоневски неколку години претходно бил на суд зашто бил обвинет за силување на жена која била патник во неговото такси. Во овој случај бил обвинет и осуден, но подоцна Апелацискиот суд ја преиначила пресудата и тој бил ослободен, само три месеци пред двојното убиство.
Цоневски подоцна бил прогласен за непресметлив и префрлен во специјална болница за опасни ментално болни затвореници.
“Опасен” подоцна е тргнато од неговото досие, па 68-годишниот Македонец е затворен во безбедно одделение во болницата Сен Ханс во Роскилд, а докторите процениле дека неговата состојба е стабилна подолг период.
Сега, како што пишуваат данските медиуми, останува на Врховниот суд да одлучи дали таа проценка е доволна да се оправда неговиото ослободување.
извор: мкд.мк

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top