| четврток, 6 декември 2018 |

Захариев до Бочварски: Кога ти беше дете, твојата партија остави 12 000 штипјани без работа

Кандидатите за градоначалници на општина Штип, Илчо Захариев на ВМРО-ДПМНЕ и Благој Бочварски на СДСМ вечерва имаа соочување на МРТ. Една од темите за кои говореа е отворањето на нови работни места.

– По сите оние транзициони случувања, во Штип имаше голем број на невработени лица, некаде околу 12 000, која сега е намалена на 2 000 активни баратели на работа. Индустриските зони се битни во нашиот град. Фајненшл тајмс, реномирана институција направи истражување каде се наоѓаат градовите кои имаат до 100.000 жители. Штип се наоѓа на високото 6-то место по јасни критериуми и параметри. Кога е во прашање бизнисот, кај мене вратите се широко отворени за бизнисмените. Одобренијата за градење не се чуваа во фиоки, туку се потпишуваа за еден ден. Од тие причини сега имаме големи развојни можности. ТИР зоната која ја направи претходната влада, одлично организирана, со целокупната инфраструктура, се отворија фабрики, само Џонсон Контролс вработи над 1500 лица, се вработуваат луѓе во другите фабрики… Текстилните работници и нивните вредни раце се многу значајни за нас и со отворањето на зоната почнаа да растат и нивните плати бидејќи се створи конкуренција. Веќе индустриската зона Запад планираме 350 хектари за индустрија во нашиот град. Ќе се прошируваат неколку индустриски зони, а ќе имаме и нова кај Три чешми каде имаме сработено 12 локации, истакна Захариев.

Бочварски не можејќи да зборува за инвестиции кои ги направила неговата партија, ја отвори темата за која СДСМ секогаш зборува, а тоа е иселувањето на младите. Тој рече дека многу млади луѓе се иселиле за да одат во белиот свет и да работат во подобри услови.

Но, неговиот противкандидат со факти ги погази неговите зборови.

– Младите заминаа затоа што после 90-тите години кога се распадна државата заради криминалната транзиција, упропастувањето на големи гиганти во нашиот град, останаа 12 000 луѓе без работа. Ти тогаш беше ученик, но тоа го направи твојата партија СДСМ со тогашниот премиер Бранко Црвенковски и знаеме какви закони се донесоа тогаш. Сега да те информирам дека во нашиот град бидејќи јас потпишувам решенија за данок, 50 проценти од купувачите на станови во Штип се млади луѓе кои доаѓаат од соседството затоа што имаат шанса да се вработат во нашиот град. 2 000 лица доаѓаат во Штип од соседните градови да работат, истакна Захариев.

Тој му порача на Бочварски дека лично продал над 30 плацови за изградба на фабрики надвор од ТИРЗ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top