| четврток, 6 декември 2018 |

Со ВМРО-ДПМНЕ во новата декада падот на невработеноста ќе биде под 10 отсто

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ денеска од митингот во Тетово истакна дека уште во првите недели по вештачкото формирање на власта, ВМРО-ДПМНЕ заедно со коалиционите партнери седнале да работат на нова стратегија за новата декада.

-Свесни дека ова нема долго да трае. Свесни дека ова помрачување народот ќе го реши затоа што во секоја демократска држава народот е тој кој одлучува кој е на власт. Народот симнува и народот доведува партии на власт. Се останато е краткорочни исклучоци како што е овој сега, кој што ќе почне да заминува во историјата почнувајќи од 15 октомври, кога масовно, гордо, достоинството сиот народ, Македонците, Албанците, Турците, Ромите, Власите, Србите, Бошњаците, сите што видоа што и се случува на Македонија ќе излезат и ќе дадат поддршка на ВМРО-ДПМНЕ и на коалицијата „За подобра Македонија“ и ќе дадат поддршка на новото утро, на новата визија, на новата ера во Македонија, посочи Груевски.

Истакна дека во изминатите 10 години, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ покажа како да паѓа невработеноста и да расте вработеноста.

-Тоа претходно беше непозната работа во оваа земја. Претходно имавме само раст на невработеност и пад на бројот на вработени. Прв пат Македонија виде што значи отворање на нови работни места, отворање на нови фабрики и тоа многу. Што значи раст на број на вработени и опаѓање на невработеност со доаѓањето на ВМРО и Коалицијата. Тоа не беше симболично, тоа не беше малку, тоа беше значително. Во 2006. Во Македонија имаше се на се, од 2 милиони граѓани, 560 илјади кои што беа вработени, на заминување од Владата оставивме 732 илјади вработени во Република Македонија. Од 560 на 732 илјади вработени. За 173 илјади нови вработени повеќе, потенцира Груевски.

Порача дека покажале како треба да се работи за да се создава.

-во новата стратегија, во новата визија за Македонија за наредната декада. Во новата ера, во новото утро што доаѓа, ние скромно, но сигурно ветуваме нови 150 илјади работни места за невработените во Македонија. Но како и секогаш, тие што доаѓаат да вработуваат, вработуваат невработени ама и преземаат вработени од други фабрики и компании. Тоа преземање значи давање повисоки плати или од новиот работодавач или од тој каде што работат во моментот. Така во економијата растат платите. Ако некој сака да ги задржи добрите работници, ќе мора да им дава повисока плата, појасни Груевски.

Тој даде пример и како носењето на нови компании ги зголемува платите и во другите дејности.

-Сега бев во Гостивар и еден човек ми кажа: Повеќето од луѓето што работат во кафулињата во Гостивар во минатото земаа дневница од 450 денари, откако се отвори Леар каде што има можност за нови работни места и нови вработувања, вели, дневницата за луѓето што работат во кафулињата е 750 денари. Тоа е носењето на нови компании. Тоа е она зашто не критикуваа дека сме донеле многу странски инвестиции. Сме донеле многу, но на Македонија и се потребни уште повеќе, и странски и домашни. Се што правевме, сите мерки, ги правевме и за домашните и за странските. Сите искористија од тоа и така ќе биде  и во иднина со новата ера во новата декада, истакна Груевски.

Најави дека во новата стратегија се предвидува во новата декада невработеноста кај младите да се преполови.

-Гледаме дека ветуваа пред изборите дека младите ќе имаат т.н. Младинска гаранција со која што веднаш по дипломирањето ќе добиеле вработување. Ни вработувања, ни бутур. Видовме во овие четири месеци дека помрачина почна да ја јаде Македонија. Новата стратегија предвидува за половина намалување кај младите, грижа за нив, борба за нив, борба со жар, борба со срце, борба за сите, посочи Груевски.

Појасни дека со тие вработувања кои се предвидени во новата стратегија на ВМРО-ДПМНЕ, во новата декада невработеноста ќе се спушти под 10 проценти.

-Сега е 22 и пол, беше накај 40 кога влеговме во Владата во 2006. Од скоро 40 ја спуштивме на околу 22 и пол. Во наредната декада – под 10 отсто. 6,7,8 или најмногу 9, но под 10 отсто како во повеќето развиени држави во светот, каде што секој што сака да работи, има шанса и има можност да се вработи. Таа нова декада ќе донесе намалување на сиромаштијата за ¾. Оваа наша власт во изминатата декада сериозно ја намали сиромаштијата во Македонија. Таргетот за наредната декада е намалување на сиромаштијата според стандардите на Светска банка за 3/4 преку политиката на отворање на нови работни места во Република Македонија, потенцира Груевски.

Рече дека во времето на ВМРО-ДПМНЕ поддршката за социјално ранливите категории била зголемна за двојно повеќе.

-Нашата цел е да ги има што помалку таквите лица, што повеќе да излезат од сиромаштија, да се вработат, да заработуваат, да бидат среќни, да бидат задоволни. А оние малкуте што ќе останат да добиваат поголема поддршка од државата. За ¾ намалување на сиромаштијата во Македонија до крајот на наредната деката, посочи Груевски.

Нагласи дека Македонија беше една од државите со високи даноци, но оти за неколку месеци по доаѓаањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт, создадена беше држава со најниски даноци во светот.

-Дојде време, оваа вештачки создадена власт да ни кажува дека ќе ги зголемела даноците, ќе го зголемеле персоналниот данок на доход, ќе го зголемиле данокот на добивка, придонесите за здравствено и пензиско. Во системот на бруто плата, работодавачот на работникот му исплаќа бруто плата. Во таа брута плата се состаи нето платата, односно делот што го зима работникот, таму се и персоналниот данок на доход кој што оди за буџетот, таму е приденосот за здравство, приденост за пензиско и приденост за вработување кои одат во соодветните фондови. Работодавачот и во иднина ќе исплата иста бруто плата, но поголем дел од таа плата ќе се зафати и ќе оди за даноци и за придонеси, а помал дел за нето плата. Тоа е она што го најавува СДСМ и тоа гордо го зборува, верувајќи дека луѓето нема да го разберат и оти нема да има кој да им го објасни тоа, рече Груевски.

Потенцира дека во новата ера Македонија повторно ќе биде држава со најниски даноци во светот.

-во 2006 година имаше 3.300 долари по глава на жител приход, просечно, според стандардите на Светска банка. 3.300 во 2006 – поминавме преку една Светска криза, втора Европска економска криза, па домашната политичка криза. 300 маки и проблеми и успеавме и во такво време, во една од најтешките кризи во светот во последните 80 години од 3.300 приходот по глава на жител да дојде на 5.000 долари, годишно просечно по глава на жител. Во новата ера, во новата декада, во новото утро, во новата визија предвидуваме од 5.000 долари по глава на жител просечно, да се отиде на 12.000 долари по глава на жител просечно приход на секој граѓанин, просечно гледано во Република Македонија по стандардите на Светската банка, најави Груевски.

Појасни дека со тоа Македонија ќе влезе во повисока група на развиени земји.

-Група во која сега се Полска, Унгарија, Хрватска, Естонија и други држави. Сето ова ќе се реализира со многу нови економски мерки кои ќе донесат ситуација да во таа декада имаме просечно раст од најмалку 4 отсто или повеќе од бруто домашниот производ. Тоа е нашата визија, тоа е нашиот пат, тоа е нашата декада по завршувањето на помрачувањето, потенцира Груевски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top