Познатата кинематограферка Ањес Годар од Франција, добитник на „Специјална златна камера 300“ за посебен придонес во светската филмска уметност за 2013 година, повторно е во Битола каде како кинематографер е застапена со два филма – македонскиот „Кога денот немаше име“ и францускиот „Нека влезе сонцето“ со кој утревечер ќе заврши 38. Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“.
– Во младоста избрав да студирам кинематографија затоа што знаев дека визуелниот елемент е важен дел на филмската приказна. Со кинематографија се занимавам заради мојот татко кој рано почина и со цел да му се заблагодарам, првиот краток филм, всушност, го посветив на мојот татко, истакна Годар за почетоците на нејзината кариера како кинематографер.
Филмот и го забележала режисерката Клер Дени и така почнале да снимаат – од нејзиниот дебитантски филм продолжувајќи ја соработката до денес.
– Во Македонија првпат дојдов во 2013 година кога ја добив наградата „Златна камера 300“. По завршувањето на фестивалот прошетав низ Македонија, ја разгледав оваа прекрасна земја на Балканот и се потсетив на мојот дедо кој поради сплет на околности во Првата светска војна бил тука. Во Македонија се запознав со Теона Стругар Митевска и почнав да работам и со неа, бидејќи ми понуди одлично сценарио, но и можност да работам со луѓе од различни генерации, со различни јазици и од различни делови од светот, посочи Годар.
Во фестивалскиот прес-центар на ИФФК „Браќа Манаки“, кинематограферката Ањес Годар зборуваше за условите за работа на кинематограферите во Франција и Македонија, за буџетирањето на филмовите и за други споредби во филмската индустрија.
– Ниските буџети за филмовите во Македонија и Франција имаат еднакви последици и влијаат врз работата на кинематограферот. Иако ситуацијата е сложена, сепак се отвораат можности за конструктивност и креативност и да се најдат нови начини за да се заврши зададената задача. Порано беше проблем снимањето на филмска лента која брзо се трошеше, а сега, со дигиталната технологија, можностите се многу поголеми. Во филмот „Кога денот немаше име“ избрав натуралистички начин на снимање и се надевам дека начинот на кој е снимен придонесува во приказната, истакна Годар.
Според француската кинематограферка, во светот се повеќе се зголемува бројот на жени кинематографери.
– Најмногу од се ме движи вербата во филмот, вербата дека треба да направиме нешто ново. Што се однесува до застапеноста на мажите и жените кинематографери, слободно можам да речам дека во Франција е долга традицијата на жени кинематографери. Посакувам растечкиот тренд на кинематограферки да продолжи, рече Годар која вечер во Битола ќе ја следи премиерата на филмот во конкуренција „Кога денот немаше име“ во режија на Теона Стругар Митевска и веднаш се враќа во Париз.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Фестивалот „Браќа Манаки“ инспирација за нов балкански филмски фестивал
-
Заврши 39.ИФФК „Браќа Манаки“: Златна камера 300 за кинематографер Кјонг Пјо Хонг
-
Франк Ван Ден Иден кинематограферот од филмот „Девојка“ претставен на „Браќа Манаки“
-
Фестивалските гости на „Браќа Манаки“ го посетија гробот на Милтон Манаки