Денеска на фестивалот се одржа и промоција на Монографијата за браќата Јанаки и Милтон Манаки, на Роберт Јанкуловски. Синоќа беше прикажан и документарниот филм, исто така во режија на Роберт Јанкуловски, кој говори за фотографиите на браќата Манаки.
Филмологот Игор Старделов од Кинотеката на Македонија, кој ја промовираше книгата, рече дека бил пресреќен што конечно некој се нафатил да ги истражува фотографиите на браќата Манаки.
– Во Архивот на Македонија, подрачно одделение Битола, постојат илјадници негативи од фотографии кои никој до сега не ги погледнал. Роберт се нафати на макотрпната работа да ги дигитализира и зачува негативите од стаклените плочи. Тоа значи дека тие се сега дигитализирани и зачувани. Многу ме радува што процесот на дигитализација и на останатите материјали продолжи во архивот- рече Старделов.
Тој исто така истакна дека значајниот исчекор што го направил Јанкуловски во истражувањето на делата на браќата Манаки е тоа што ја анализирал и естетската вредност на фотографиите на браќата.
Ацо Кимовски, од битолското одделение на Државниот архив на Македонија, истакна дека работата на Јанкуловски ги мотивирала да продолжат со дигитализирање и на преостанатите материјали кои се наоѓаат во архивот. Јанкуловски пак, вели дека Битола е пред се фотографски град, а потоа филмски град.
– Битола е повеќе фотографски отколку филмски град, се надевам дека во иднина ќе се направи по една монографија за сите значајни фотографи од овој град, како Папакоч, Пинза, и многу други. Некои од нив работеле и пред браќата Манаки – вели Јанкуловски.
Делегациите на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“, Влашката заедница во Битола и градот Битола, денеска положија цвеќе на гробот на Милтон Манаки.
Претседателот на годинешното жири на фестивалот, кинематограферот од Норвешка Пол Рене Ростад, кој е и претседател на асоцијацијата на кинематографери ИМАГО, рече дека е почестен што е дел од делегацијата на „Браќа Манаки“. Делегацијата ја сочинуваа и Гена Теодосиевска, уметнички директор на „Браќа Манаки“, и членот на жирито, кинематограферот од Италија Лука Коасин. Теодосиевска истакна дека фестивалот „Браќа Манаки“, како и изминативе децении, ја негува традицијата на оддавање чест на Милтон Манаки. Стефан Хаџи-Андоновски, претседател на аматерскиот кино-клуб „Студио Милтон Манаки“ и член на Влашката заедница во Битола, кусо ги потсети присутните за животот и делото на првиот балкански снимател. Тој истакна и дека битолскиот кино-клуб секоја година на 5 март (денот на смртта на Манаки) одржува комеморација со пригодна програма.
Кино-клубот го организира и фестивалот насловен „Камера 300“. Претставниците на фестивалот, Влашката заедница и градот ја негуваат оваа традиција на сеќавање на првиот филмски снимател на Балканот. За одржувањето на гробот на Милтон Манаки (1880-1964) на Влашките (или Арманските) гробишта во Битола се грижат членовите на Влашката заедница. Јанаки Манаки, пак, починал во Солун и таму е погребан.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Фестивалот „Браќа Манаки“ инспирација за нов балкански филмски фестивал
-
Заврши 39.ИФФК „Браќа Манаки“: Златна камера 300 за кинематографер Кјонг Пјо Хонг
-
Франк Ван Ден Иден кинематограферот од филмот „Девојка“ претставен на „Браќа Манаки“
-
Фестивалските гости на „Браќа Манаки“ го посетија гробот на Милтон Манаки