| четврток, 6 декември 2018 |

На „Браќа Манаки“: Прикажан првиот дел од кратките филмови кои се натпреваруваат за малата „Златна камера 300“

Вчера беше прикажамн првиот дел од Програмата на кратки филмови кои учестуваат во компетицијата за Малата Златна Камера 300, а денес ќе се прикаже и вториот дел.

На прес коференцијата гостуваа неколку претставници  од тимовите кои работеа на македонските кратки филмови – учесници во компетицијата.  Најмлада помеѓу присутните беше Моника Бошковиќ, девојчето кое играше во „Железна приказна“, филмот во режија на Златко Калеников.

Режисерот објасни дека иако се работи за сериозна и социјално сензитивна тематика, тој одбрал да го сними од детска перспектива, за на крај да добие еден ведар и оптимистички продукт.

-Свесен сум дека оваа светла, наивна форма не секогаш е приемчива за филмските фестивали, но моја цел беше да го поставам акцентот на наивноста на детската перспектива и да напшравам приказна со светол крај, снимена во светли и јасни бои кои се користат при снимање на детските филмови – вели Калеников.

Ивана Шекутовска, продуцентката од „Стрим он филм“, рече дека овој филм е дебитантско дело на нивната продукциска куќа и се надева на понатамошно соработки со тимот.

Краткиот филм „Амби“ во режија на Марија Апчевска кој се прикажа вчера,  ја допира темата за алкохолизмот:

-Сценариото за филмот е изработено без конкретна цел, едноставно се работи за приказна која сакав да ја раскажам, а ова е моја втора соработка со Влатко Самоиловски зад камерата – истакна Апчевска.

Кинеамтограферот Наум Доксевски, оваа година се претстави со два филмови во компетицијата за краток филм. Едниот во соработка со режисерката Дина Дума, а другиот со Горан Столевски.

-За прв пат имав прилика да ги погледнам и двата филма во иста вечер и да ги споредам. Навистина се работи за драстично различни филмови, кај кои користев различен пристап на снимање, во согласност со идејата на режисерите. Кај филмот на Дума користев статични кадри за да се долови атмосферата, а со Столевски снимавме со рачна камера, за да се долови тој документаристички пристап на близина до актерите – рече Доксевски.

Продуцентката Марија Димитрова од „Круг филм“ која соработуваше со Дина Дума, истакна дека за кратките и поекспериментални филмови до сега не се обиделе да конкурираат во Агенцијата за филм на РМ и ги реализираат во соработка со други продуцентски куќи од Македонија.

-Не би знаела затоа што никогаш не сме се обиделе бидејќи знаеме дека можеме а го реализираме во соработка со другите продукции. Јас лично мислам дека немаат слух за вакви кратки и поекспериментални филмови, барем не се уште. Можеби во следниот период тоа ќе се отвори закако еден сегмент кој Агенцијата ќе го развива, затоа што сметам дека таквите филмови на нашата кинематографија и се потребни, затоа што носат една свежина и рзноликотс, еден нов начин на размислување – рече Димитрова.

Актерката Сара Климоска го пренесе поздравот од режисерот Горан Столевски кој не беше присутен во Битола, изразувајќи го задоволството што работела со него, бидејќи смета дека е одличен и сериозен режисер со потенцијал за многу успеси во иднина.

На вчерашната студентска програма пак, беа прикажани четири кратки филмови на студенти по филм од Романија. Од режисерите на филмовите присуствуваа Теона Галготиу и Богдан Маринеску, кои низ разговор со публиката ги објаснија идеите и мотивите за снимањето своите филмови. Исто така стана збор за романската кинематографија, а младите студенти објаснија дека пред револуцијата во Романија се снимале исклучиво пропагандни филмови, а потоа тоа се променило.

По студентската програма прикажан беше филмот „Скриени резерви“ во програмата Фокус – Австрија, а пред самата проекција, беше испратен поздрав од австриската амбасадорка, Рената Корбар, кој пред публиката го пренесе Валентина Илиева.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top