| четврток, 6 декември 2018 |

И мажите заболуваат од рак на дојка!

И мажите заболуваат од рак на дојка и оваа болест не е ексклузивитет само на жените. Во Македонија процентот на заболени мажи од рак на дојка се движи меѓу 10 и 12. Ова го изјави Биба Додева, претседателка на здружението „Борка“ – За секој нов ден, која денеска ја најави традиционалната розова прошетка „Напред розово 2017“ за поддршка на болните од рак на дојка.

„Напред розово“ ќе се одржи во недела на први октомври, на скопскиот плоштад „Македонија“. Розовата прошетка се одржува по деветти пат во организација на „Борка“ со поддршка на амбасадата на САД во Македонија.

На плоштадот ќе бидат поставени штандови од каде што ќе може да се купат специјално изработени розови маички за овој настан, а со средствата собрани од продажба на маиците ќе бидат дониррани на жените кои ја изгубиле косата како последица од хемотерапијата.

– За жал, Македонија е на третото место во Европа по смртност од малигни заболувања. Ракот на дојката се уште е најчеста причина за смрт кај македонските жени. Годишно од оваа болест заболуваат 1.200 жени во Македонија. Тоа значи дека просечно четири жени дневно заболуваат од рак на дојка и тоа е голема бројка. Македонија е една од ретките земји во Европа каде што смртноста од канцер се зголемила за околу девет отсто во последните 15 години- рече Додева.

Таа најави дека Алијанката на пациентски организации имала средба со одговорните во Министерството за здравство и дека се разговарало за Националната стратегија за контрола на ракот во 2018 година.

– Ракот е општествен проблем и затоа е потребно целосно менување на здравствениот систем и генерално менување на начинот на лекување. Македонија е земја со едвај два милиони жители и не смееме да дозволиме да умираат луѓе поради недостапност на терапии и неорганизираност – рече Додева на денешната прес-конфренција.

Прошетката ќе се одвива во центарот на Скопје каде што учесниците ќе чекорат во чест на „розовите“ ќе почне од плоштад Македонија, вдолж улицата „Македонија“ потоа улицата „Димитрија Чуповски“, ќе се мине Порта „Македонија“ и ќе се вратат на плоштадот. Рутата е долга е три километри и е во вид на панделка.

Предвидено е во настанот да се вклучат околу 1.500 учесници.

– Прошетката „Напред розово“ е значаен настан кој ги сплотува заедно луѓето од целата земја во солидарност против оваа страшна болест. Се радуваме што ќе им се придружиме на оние што се борат со ракот или поддржуваат некој член на семејството којшто се бори со оваа болест – рече Лора Браун, одговорна за односи со јавност во амбасадата на САД во Македонија.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top