На денешната прес конференција на Фестивалот „Браќа Манаки“ беше претставена екипата на филмот „Насоки“ кој беше прикажан синоќа на отворањето на фестивалот, како прв од филмовите во главната селекција.
Од екипата на филмот „Насоки “, кој е во македонско-бугарско-германска копродукција, присуствуваа кинематограферот Веселин Христов, копродуцентите од македонската продуцентска куќа „Сектор филм“, Владимир Анастасов и Ангела Несторовска, актерите Тројан Гогов и Борислава Стратиева, како и мејк-ап артистот Мартин Павловски и костимографката Жаклина Крстевска.
Продуцентката Ангела Несторовска од „Сектор филм“ рече дека ова не е нивна прва соработка со режисерот Стефан Комадерев, бидејќи нивната продукциска куќа веќе соработувала со него на филмот „Пресуда“ и се надева дека соработката ќе продолжи и во иднина.
-Светската премиера на филмот „Насоки“ беше веќе беше прикажан во Кан во програмата „Un certain Regard“, а филмот беше дел и од официјалната програма во Сараево, деновиве беше и во рамки на Торонто, а наскоро следуваат премиери и во Бугарија на „Златна роза“, како и во Хамбург, Германија – рече Несторовска.
Владимир Анастасов истакна дека се работи за нискобуџетен филм, снимен со само 600.000 евра, но доста успешен во фестивалскиот и дистрибутивниот импакт.
-Секако по оваа македонска премиера ќе следува и дистрибуција во Македонија, стратегијата е дека филмот ќе биде прикажуван за битолската публика а потоа ќе имаме диструбуција и во Скопје и другите градови. Филмот е веќе продаден во Франција, Кина Турција, а има доста земји кои што се заинтересирани. АРРИ добро го дистрибуираше низ светот и ние сме презадоволни од фестивалскиот и дистрибутивниот импакт кој што го имаме до сега.
Кинематограферот Велесин Христов објасни дека снимањето на филмот било предизвикувачко, бидејќи се снимало во ноќни услови, во клаустофобичен простор на такси возило во движење и со долги кадри.
-Снимањето се заврши доста брзо, за околу 2 седмици. Еден кадар трае околу десет минути, па затоа снимањето одеше многу брзо, за една ноќ снимавме по една сцена. Снимките во кола и во ноќни услови се доста тешки, па користевме мала камера од АРРИ „Алекса Мини“. Идејата е целиот филм да изгледа полу-документарно, па решивме да снимаме со рачна камера, која постојано ги следи актерите внатре и надвор од автомобилот – објасни кинематограферот Христов.
Актерката Борислава Стратиева вели дека за неа претставувало голема чест да работи со Комадерев, а „Насоки“ е нејзин прв долгометражен филм.
-Доживев огромна ментална и физичка трансформација за време на снимањето, бевме турнати преку работ, беше навистина тежок ден. На пробите дури и си го повредив прстот и во такси возилото имаше крв – вели Стратиева.
Актерот Тројан Гогов, изнесе уште поинтересни детали од снимањето.
-Улогата беше голем психички тест за мене. Мојата улога е во сцена со самоубиец кој скока од мост и за потребите на улогата се советував со најдобриот психолог и криминолог во Бугарија, за да ги осознаам фазите низ кои минува човек кој има самоубиствени тенденции – рече Гогов.
Од македонскито дел од тимот присуствуваа и костимографката Жаклина Крстевска и мејк-ап артистот Мартин Павловски. И двајцата го изразија своето задоволство од учеството во филмот и одличната соработка која ја имале со режисерот и целокупниот тим.
Инаку, сценариото на филмот е резултат на истражувањето на режисерот, кој минал повеќе од 12.000 километри возејќи се во такси во Софија и приказната е конгломерат од приказните кои ги чул од таксистите, како што објасни продуцентката Ангела Несторовска.
-Сцената со убиството е по вистински случај, кој се случил пред околу десетина години во Бургас, а ликот на свештеникот кој вози такси е исто така делумно реален, бидејќи во Софија има тројца таксисти кои што преку ден се свештеници, а навечер заработуваат дополнително со возење на такси – објасни Несторовска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Фестивалот „Браќа Манаки“ инспирација за нов балкански филмски фестивал
-
Заврши 39.ИФФК „Браќа Манаки“: Златна камера 300 за кинематографер Кјонг Пјо Хонг
-
Франк Ван Ден Иден кинематограферот од филмот „Девојка“ претставен на „Браќа Манаки“
-
Фестивалските гости на „Браќа Манаки“ го посетија гробот на Милтон Манаки