Еден од најискусните Македонски репрезентативци за порталот fibaeurope.com раскажува како го доживува европското првенство во кошарка што во септември ќе се игра во Словенија, пренесува on.net.mk
„Ова е ќе биде една сосема поинаква приказна, сосема поинаков турнир од оној во Литванија. Веќе никој нема да гледа на нас како на аутсајдери, но и покрај тоа ние можеме до добар резултат, кој не знам дали ќе биде повторување на оној успех од пред две години. Она што за мене е битно да играме со истиот интензитет и срце со кои игравме во Литванија, особено со оглед на тоа дека голем број наши навивачи ќе бидат присутни во Словенија. Не сакаме да ги разочараме, не само со нашиот конечен пласман, туку и со начинот на кој ќе играме. Најважно за сите нас е да го оставиме срцето на терен“ – рече Илиевски, кој потоа зборуваше и за притисокот кој се очекува да го има врз нашите момци по оној успех на Евробаскетот 2011. година.
„Знаете што мислам јас? Секаде и секогаш постои една доза на притисок. Нема натпреварување, особено на вака високо ниво, на кое доаѓате да го претставувате својот клуб или својата земја, кое со себе не носи притисок. Така да нормално е дека тој ќе биде присутен и во Словенија. За нас е само битно да го дадеме својот максимум по што сметам дека сите ќе бидат задоволни од нас“ – рече играчот на загрепска Цедевита.
Прва задача за Македонија ќе биде да успее да ја помине својата група од која, како што знаеме, дел се локалните ривали Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, како и Летонија и добриот познаник Литванија.
„Да бидам искрен ова е веројатно најтешката група на ова ЕП и јас лично посакував некои други противници. Тоа особено се однесува на Србија, која беше извлечена како последна во групата затоа што немаше добри квалификации минатото лето. Сите знаеме што претставува Србија во светската кошарка. Но, и покрај тоа сум возбуден. Ова ќе биде група во која ќе има доста тензија пред натпреварите, а за спортот секогаш е добро играчите да бидат максимално мотивирани. Ќе биде забавно и ќе се обидам да уживам во ова искуство“ – рече Илиевски.
Тој на крајот зборуваше и за Евробаскетот како свој последен турнир во националниот дрес.
„Живеам во Словенија и мислам дека ова е идеалното сценарио за мене да се збогувам од репрезентацијата. Со години играв за Олимпија Љубљана, тука има голем број на пријатели, така да ќе беше тешко за мене да не настапев на ова ЕП. Нормално, се уште уживам во играњето за Македонија и ми недостигаат моите соиграчи. Се надевам дека сите ќе настапиме пак заедно во Словенија и ќе оствариме добар резултат. Ова е сигурно мојот последен настап за националниот тим, кој се надевам дека ќе има среќен крај“ – заврши Илиевски, кој сигурно ќе биде еден од адутите на новиот селектор Алеш Пипан на ова ЕП кое стартува за нешто повеќе од два и пол месеци.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.