Утре од печат ќе излезе романот „Коскени часовници“ на популарниот британски писател Дејвид Мичел во издание на „Или-или“. Преводот од англиски јазик е на Ацо Пероски, илустрацијата на книгата на Марија Смилевска, дизајнот на книгата е на бриада.мк, а објавувањето на книгата е дел од проектот „Креативна Европа“ на ЕУ. По тој повод, во книжарницата ИЛИ-ИЛИ книгата в петок и в сабота ќе се продава по промотивна цена, како и останатите две негови книги кои исто така се дел од едицијата „Проаза“.
Дејвид Мичел е еден од највпечатливите „нови гласови“ во современата британска книжевност. Роден е во 1969 година во Англија, а живеел во Италија, Јапонија и Ирска. Автор е на неколку романи и добитник на голем број меѓународни литературни признанија. Книжевната критика особено ги издвојува „Атлас на облаците“ (ИЛИ-ИЛИ, 2014) и „Илјадагодишната есен на Јакоб де Зут“ (ИЛИ-ИЛИ, 2015) како исклучителни книжевни дела кои се одликуваат со стилска, тематска и естетска впечатливост. „Коскени часовници“ оригинално беше објавен кон крајот на 2014 година и засега е негово последно прозно дело.
Со „Коскени часовници“ Дејвид Мичел ја заокружува неформалната трилогија која ја сочинуваат неговите претходни два романи, „Атлас на облаците“ и „Илјадагодишната есен на Јакоб де Зут“. Следејќи го истиот модел на шест преплетени приказни, Мичел и во овој роман гради своевиден книжевен калеидоскоп, во кој централната фигура која ги обединува засебните приказни е главниот лик – Холи Сајкс. Така, книгата следи шест децении од животот на Холи, почнувајќи од 1984, па сè до „далечната“ иднина во 2045 година. Ова му овозможува на авторот не само да врати дел од познатите ликови од неговите претходни романи, туку и да направи мешавина од неколку книжевни жанрови – од тинејџерски семеен роман, преку психолошки трилер, до фантастика и еколошка дистопија. Со тоа Мичел го заокружува целото свое творештво во еден универзум низ кој се појавуваат познати ликови и теми, но секогаш низ свежа и провокативна перспектива. „Коскени часовници“ е роман кој патува низ времето, низ културите и низ жанровите – иновативна нарација и креирање на нов свет во книжевноста.
За делото критичарите напишаа:
„Ова е роман со кој Мичел го надградува Атлас на облаците.“ ( Los Angeles Times)
„Мичел е книжевен волшебник кој ги крши оковите на жанрот, скока низ времето, патува по светот и решава мистерии.“ (Esquire)
„Коскени часовници е еден од успешните експерименти во областа на фантастичната книжевност за возрасни. Наизменично духовит, трогателен и застрашувачки; вистински триумф на фантазијата.“ (San Francisco Chronicle).
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Промоција на романот „Манастир Фуентерабија“ од Јагода Михајловска-Георгиева во Библиотеката „Браќа Миладиновци“
-
„Бележникот на татко ми“ од најтиражниот писател од Холандија – Кадер Абдолах
-
Смртна казна за познат писател на крими-романи: Злосторството го прераскажал во роман
-
„Антолог“ ја објави книгата „Лисица“ од Дубравка Угрешиќ