Шпанските медиуми пишуваат дека македонскиот репрезентативец Енис Барди ќе биде еден од најбараните фудбалери во зимскиот преоден рок по импресивните партии на стартот на сезоната во дресот на Леванте. Барди брзо се прилагоди на новата средина и полека станува еден од главните носители на играта на Леванте, па македонскиот фудбалер со игрите го привлекува вниманието и на многу поголеми клубови.
„Ел Гол Дигитал“ пишува дека повеќе шпански клубови ќе се обидат да го ангажираат Барди уште во јануари меѓу нив се Севиља, Валенсија, Виљареал, Реал Сосиедад и Бетис. Шпанските медиуми го опишуваат Барди како комплетен фудбалер кој има способност да биде лидер во тимот, поседува голем квалитет и млад е, па предвидуваат дека ќе биде една од ѕвездите во шпанската лига во иднина.
Барди има откупна клаузула од 25 милиони евра, па Леванте, ако воопшто се расположени за продажба на младиот Македонец, ќе бараат сума приближна до клаузулата. Со оглед на тоа што тимот од Валенсија го плати само 1.5 милиони евра, доколку продолжи со одличните игри, Барди на својот сегашен тим скоро сигурно ќе му донесе огромен профит.