Станислав Петров почина на свои 77 години во својот дом во близина на руската престолнина Москва. Иако малкумина се свесни за тоа, токму овој човек е најзаслужен за тоа што во светот во 1983-та година не избувна Трета светска војна.
На тој 26-ти септември 1983-та година, поради неговата присебност, може да се каже дека светот се спаси од тотално уништување.
Петров во 80-тите бил полковник во советската армија и шеф на командниот центар „ОКО“ кој што бил сместен во близина на Москва. Тоа била клучната точка од системот чија што задача била да предупреди доколку нуклеарни проектили бидат лансирани кон тогашниот Советски Сојуз.
Набрзо после полноќ на 26-ти септември, на компјутерот се појавила информација дека САД лансирале неколку ракети кон СССР. Според направените пресметки, ударот требало да се случи во следните неколку минути.
-Кога првиот пат го видов алармот, станав од столот. Моите подредени беа збунети, поради тоа започнав да извикувам наредби за да спречам да настане паника. Знаев дека мојата одлука ќе има огромни последици“, раскажал Петров во интервјуто за “Russia Today” во 2010-та година.
-Сирената се огласи и по втор пат. На главниот екран се појавија големи, крваво црвени букви. Пишуваше „СТАРТ“. Беше наведено дека кон нас се лансирани уште четири ракети“, раскажа тој.
Од моментот кога се појавила информацијата дека Американците лансирале нуклеарни боеви глави кон СССР, властите во Москва имале половина час да одлучат дали да наредат напад со нуклеарно оружје, додека Петров имал само 15 минути за да одреди дали заканата е реална и да ги извести своите надредени.
-Седењето на моето удобно столче тогаш ми се чинеше како седење на жешка тава. Нозете ми беа млитави, ми се чинеше дека не сум ниту во состојба да станам. Бев премногу нервозен во моментите кога требаше да донесам одлука“, изјави Петров за “Russia Today” пред седум години.
Со оглед на тоа што бил свесен дека во случај Американците да сакаат да го нападнат Советскиот Сојуз, тоа ќе го сторат со цела сила, а не само со четири ракети, Петров заклучил дека алармот кој што се огласил е последица на техничка грешка во Советскиот систем.
-Признавам, бев исплашен. Знаев колкава одговорност имам во моите раце“, изјави Петров.
Подоцна се покажало дека советските сателити биле „измамени“ од сончевата светлина која што била рефлектирана од облаците, а таа техничка грешка, доколку не бил Петров, лесно можела да резултира со огромна катастрофа и нуклеарна војна која што би можела да го уништи целиот свет.
Најтажно во целата оваа приказна е тоа што Петров, поради својата одлука да почека со проценката, не добил никаква пофалба, а дури и бил критикуван што не го пополнил сервисниот дневник. За проблемите во системот за детекција на нуклеарни ракети лансирани кон СССР на крајот биле обвинети неговите надредени.
-Моите надредени мораа да ја прифатат одговорноста. Но, никој не го препозна тоа дека во целата ситуација, некој завршил добра работа. Тие наместо тоа, само го бараа виновникот“, раскажа Петров за “Russia Today”.
Како што пренесуваат руските медиуми, во текот на следната деценија овој инцидент бил означен како строга државна тајна. Дури ниту сопругата на Петров, Раиса која што починала во 1997-ма година не знаела дека нејзиниот сопруг спречил избивање на Трета светска војна.
Дури во 1998-ма година, неговиот надреден, полковник Јури Вотинцев го прекинал молчењето и раскажал за херојството на Петров.
Петров синоќа починал во својот дом во близина на Москва. Себеси не се сметал за никаков херој, туку за човек кој што само ја работел својата работа.
Точка.мк
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Шок во Бордо: Суботиќ во бесознание, доби удар од голманот на Ст.Етјен
-
Кузмановска: Неспособната власт ги задолжи граѓаните за нови 21,1 милион евра
-
И јас трпев насилство од поранешниот партнер: Министерката си ја отвори душата!(видео)
-
Руси масовно дрифтаат во снег, ни полицијата не им може ништо (Видео)