| четврток, 6 декември 2018 |

Ново ЦД во издание на СОКОМ

Во издание на Сојузот на композиторите на Македонија – СОКОМ деновиве беше објавен компакт диск со акузматични дела од македонски автори. На ова ЦД, што претставува прво издание од ваков вид во Македонија, се поместени некои од најзначајните остварувања на подрачјето на акузматичната музика во Македонија што изминатите години беа претставени на фестивалот „Денови на македонска музика“, од авторите Кокан Димушевски, Дарија Андовска, Роберт Саздов, Влатко Георгиев и Андреј Блажевски.

Акузматична музика е форма на електроакустична музика создадена исклучиво за звучна презентација со помош на звучници, наспроти изведбите во живо. Акузматичната музика влече корени од т.н. конкретна музика (musique concrète) која се појави во доцните 40-ти години на минатиот век. Таа е една од најголемите придобивки на музичките технологии, во прв ред дигиталните снимачи и процесори на звук. Бидејќи се работи за аудио снимки, овој начин на презентација се нарекува и фиксен медиум, во кој централна улога има звукот, неговата боја, неговиот колоритен спектар, додека мелодијата, хармонијата, ритамот имаат споредна конотација. Музичките елементи на акузматичните композиции вклучуваат звуци изведени од музички инструменти и глас, електронски генерирани звуци и аудио звуци манипулирани со помош на мулти-процесори.

Како посебно подрајче на творечки израз, акузматичната музика во Македонија започнува да се развива во последните неколку години, со зголемувањето на интересот на одредени автори кон оваа специфична уметничка креација, и истата бележи континуиран подем и растеж во композиторската и истражувачка пракса. Концертите на акузматична музика на домашниот подиум контиунирано привлекуваат нова и поинаква публика, дозволувајќи ѝ да се препушти на сопствената имагинација, во уникатно звучно доживување.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top