| четврток, 6 декември 2018 |

СОКОМ наградата „Георги Божиков“ им ја додели на „Биг бенд“ за најуспешна изведба на македонско дело во изминатата година

Добитник на наградата „Георги Божиков“ за најуспешна изведба на македонско дело во изминатата 2017 година е Биг-бендот на Здружението на џез музичарите и слободните уметници (Македонија). 

Наградата „Георги Божиков“која Сојузот на композитори на Македонија – СОКОМ ја доделува на музички уметници и ансамбли за најуспешна јавна изведба на дела од македонски композитори во текот на една година, за 2017 година ја добива Биг-бендот на Здружението на џез музичарите и слободните уметници од Македонија за концертот одржан на 1 април 2017 година во рамки на Деновите на македонската музика, под диригентската палка на Емин Џијан.

Програмата на концертот донесе своевидна ретроспектива на развојот на македонскиот џез, од неговиот основоположник Драган Ѓаконоски – Шпато до најновите дела на актуелните македонски творци во оваа сфера: „Поздрав до оркестарот“ и „Во спомен на старото пријателство“ на Шпато, „Акварел“ од Кире Костов,  „Разденување“  на Живоин Глишиќ, „Балада за Шпато“ од Александар Џамбазов, „M“ Блуз на Тони Китановски , „Ламина“ на Кокан Димушевски, „Луѓе“ од Александар Пејовски, и „Let ring“ и „Changing Landscapes“ на Владимир Николов.

Овој концерт, еден од првите целовечерни проекти по основањето на овој ансамбл чијшто недостиг во македонската музичка сцена последниве години жестоко недостасуваше по замирањето на Биг-Бендот на МРТВ, видливо ја возбуди публиката и кај неа разбуди искрени емоции и радост со својата креација, енергичноста, вообличениот звук, инспиративните и немонотони импровизации, со својот стремеж кон компактно колективно музицирање, притоа задржувајќи ја поединечната индивидуалност. Воедно, ја разбуди и надежта дека и одржуваањето на континуитетот во творештвото за овој вид ансамбл не е невозможна мисија.

Наградата на Ансамблот ќе му биде врачена на свеченото отворање на 41-вите „Денови на македонска музика“ на концертот на Македонската филхармонија овој четврток (22 март) во 20 часот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top