Градот Скопје денеска се приклучи кон големото семејство европски градови кои ја одбележуваат Европската недела на мобилност 2017 (ЕНМ 2017) и во наредните седум дена за граѓаните ќе понуди низа активности посветени на алтернативното и одржливо движење. Во име на Град Скопје, пристапница за приклучување кон ЕНМ 2017 денеска потпиша градоначалникот Коце Трајановски.
– Градот Скопје се приклучува кон Европската недела на мобилност 2017, која годинава се одржува под мотото „Споделувањето те движи напред“ и во која учествуваат повеќе од 2.280 градови. Денеска ја потпишав свечената декларација, а во наредниве седум дена за граѓаните ќе понудиме низа активности посветени на алтернативното и одржливо движење. Европската недела на мобилност е кампања која промовира визија на градски улици за велосипедистите, пешаците, возачите на ролери, тротинети, скејт-борди, корисници на инвалидски колички, на сите учесници во сообраќајот кои не ја загадуваат животната средина, не прават бучава и не го заземаат животниот простор на своите сограѓани. Ве поканувам утре од 9 до 13 часот, на велотурата и на големиот велопикник што ќе се одржи на паркингот на Средно Водно (во близина на жичницата), истакна денеска градоначалникот Трајановски.
Тој посочи дека Градот Скопје е свесен за важноста на оваа манифестација, па затоа, од 2011 година, кога од одбележување на Денот без автомобили премина во организирање на Европската недела на мобилност, се стреми да иницира, осмисли, организира и реализира активности преку кои ќе ја подигне јавната свест, ќе ги промовира своите проекти што во рамките на своето редовно работење ги спроведува и информирајќи ја јавноста ќе ја поттикне активно да се вклучи во менувањето на навиките и во утврдувањето на приоритетите во заедницата.
Трајановски денеска предводеше велосипедска тура што се возеше по обележаните велосипедски патеки низ центарот на градот, поточно од Градскиот парк, по булеварот Илинден, по булеварот Свети Климент Охридски, по булеварот Партизански одреди и по улицата Васил Главинов со крајна дестинација на улицата Димитрие Чуповски која што беше затворена за сообраќај.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.