Оваа Влада има одлука каде Замир Мехмети од Шарената револуција е ставен во бордот на Македонски Телеком. Владата на СДСМ во Управниот одбор на Македонски Телеком го делегира Мехмети, и ние тука зборуваме за европски интеграции. Дали Замир Мехмети може да биде член на УО на Телеком Словенија? Сите го знаеме одговорот, не може. Имаме дневно прекршување на сите европски пракси и вредности, а имаме и реторика која се сведува на тоа Европа, Европа, Европа, вели Влатко Ѓорчев на денешната трибина во организација на ВМРО-ДПМНЕ со партиската Комисија за Европски и Евроатлантски Интеграции.
Во која европска земја може сопственик на фирма да добие тендер од Влада од 2,6 милиони евра, а човекот е потпретседател во Влада и покрива сектор енергетика. Кочо Анѓушев е вицепремиер, Кочо Анѓушев е 100 проценти сопственик на „Фероинвест“, а владата во која тој е вицепремиер дава тендер на фирмата. Пред една година фирма на било кој од вицепремиерите на Владата на ВМРО-ДПМНЕ да добиеше тендер од 2,6 денари, што ќе беше. Ќе имавме три Шарени револуции на улица. И сега ние треба да зборуваме за европски интеграции и практики, вели Ѓорчев.
Тој додава дека Македонија веќе нема граѓански организации бидејќи истите се во Влада.
-Тие се сега советници, крик за слобода, крик за правда. Сега крикот е заменет со чиновништво во канцеларија. Целата таа граѓанска спонтаност е веќе завршена дискусија. Во една недела 10 бебиња починаа, и како ништо да не се случило. Се сеќаваме сите со еден случај во Македонија каква кампања се направи.Замислете што ќе се случеше министер на ВМРО-ДПМНЕ да беше надвор од Македонија во време кога имавме епидемија во гостиварско, каде татко и син од Симница починаа. А министерот дава изјави преку Фејсбук од хотел. Тоа се тие двојни стандарди кои секојдневно се гледаме, вели Ѓорчев.
Тој вели дека ова се случува затоа што практиките на СДСМ од Струмица се префрлаат на државно ниво, и тоа беше најавено со зборовите „во институциите ќе влеземе од хигиеничарка до министер“.
-Проблемот со оваа влада е што во стотина дена се анулира она што било долгорочна борба на овој народ 140 години наназад. Се анулираат сите градени позиции во изминатите години, со неподнослива леснотија. Вие ако го распродавате тоа што било градено со векови, другите ќе аплаудираат, но нема да го спроведат тоа, додава Ѓорчев.
Тој потенцира дека ВМРО-ДПМНЕ е партијата која прва во Македонија кажа дека Македонија треба да биде членка на ЕУ и НАТО во време кога една друга партија имаше свртено очи на друга страна.
-ВМРО-ДПМНЕ е партијата и структурата која децении наназад вели дека местото на Македонија е со западните сојузници, Македонија треба да биде земја со демократија, со пазарна економија, македонските војници треба да бидат рамо до рамо со војниците на НАТО, Македонија треба да биде дел од ЕУ. Тоа се пораките на ВМРО-ДПМНЕ и во минатото, и сега и во иднина, нагласува Ѓорчев.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.