На списокот на градоначалници кои се актуелни и кои повторно ќе бараат мандат од граѓаните е и Илчо Захариев, актуелен градоначалник на Штип. Захариев е квалитетен кадар, со голем број на реализирани проекти, познат фармацевт со национално реноме, почитуван помеѓу штипјани.
Роден е на 24 декември 1960 година во с. Звегор, oпштина Делчево. Во Штип живее од 1985 година, па сѐ до денес. Семеен човек, оженет, татко на две деца. Неговата сопруга е фармацевт, ќерка му е дипломиран фармацевт и моментално го работи својот докторат, а син му е средношколец во СОУ Гимназија „Славчо Стојменски“ во Штип.
Основно образование завршува во родното село со одличен успех. Средно образование завршува во Гимназијата „Методија Митевски Брицо“ во Делчево, со одличен успех, така што е еден од најдобрите ученици во генерацијата. За време на средното образование учествува на многу натпревари од областа на природните и општествените науки што се организирани на државно ниво и освојува многу признанија и награди од областа на физиката, математиката, хемијата и историјата.
Во 1979 година се запишува на Фармацевтски факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и истиот го завршува со максимална оценка како најдобар студент на генерацијата во 1983 година.
Првото негово вработување е во најголемата македонска фармацевтска компанија „Алкалоид“ – Скопје во 1983 година, така што во тој период се стекнува со солидни знаења од производството на лекови. Поради семејни обврски Компанијата ја напушта во 1985 година.
Од 1985 година се вработува во Медицинскиот центар во Штип каде работи како раководител во работната единица Аптеки. На тоа работно место останува скоро една деценија. Во исто време е вонреден професор во Средното медицинско училиште „Јане Сандански“ и соработник на Радио Штип со сопствени радио емисии. Овој период е многу плоден од аспект на стручните резултати, како и од аспект на продукцијата на над 350 телевизиски емисии од областа на фармакологија и лековитите растенија. Овие емисии одиграа голема улога во едукацијата на народот за позитивните ефекти и начинот на користење на лековитите растенија.
Во 2001 година е именуван за директор на Бирото за лекови на Р. Македонија и како директор останува до 2003 година, од каде заминува по сопствено барање и се враќа на старото работно место во Медицинскиот центар во Штип. Во периодот 2001-2003 година, како директор на Бирото за лекови, прави реформи кој овозможија снабдување на населението со лекови и медицински помагала во секое време и во доволни количини.
Во 2005 година станува претседател на Советот на Општина Штип. На оваа функција останува две години каде успешно го води Советот на Општината и донесува важни одлуки за урбанистичкиот и локалниот-економски развој на општина Штип.
Во 2006 година по втор пат е именуван за директор на Бирото за лекови. 2006 до 2013 се години на големи реформи во македонската фармација, поради тоа што, благодарение на прим. м-р Илчо Захариев се создаде ред во фармацијата за што се добиени најголеми признанија од европски институции, меѓу кои и од Европската агенција за лекови. Со стилот на работењето, во Бирото за лекови работите се доведоа во совршенство, а граѓаните бенефитот од ова работење го чувствуваат и до ден денес.
Во 2013 година на локалните избори е избран за Градоначалник на Општина Штип.
Во периодот од 2013 до 2016 година реализирани се над 350 проекти со кои значително се подобри инфраструктурата во градот и оставена е солидна основа за уште поуспешен развој на градот. Реализирани се три значајни странски инвестиции во ТИР зоната со поддршка на Владата но реализирани се уште неколку инвестиции во градските индустриски зони како што е примерот со заедничката инвестиција на штипска „Актива“ со белгиски „Ван хол“. Значително е подобрена градската инфраструктура со асфалтирање на над 90 улици во градот а реализирани се уште дваесетина со што руралните средини се поврзаа со градот.
Захариев е среќно оженет човек и татко на две деца. Синот Александар е студент во трета година на финансии и бизнис на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, а ќерката Драгана е омажена и од нејзиниот брак градоначалникот Захариев има внука Илијана.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.