На 15.09.2017 година во 20,00 часот во Музеј на град Скопје ќе биде отворена изложбата „Скопската тврдина-симбол на градот“ и ќе трае до 31.09.2017 година.
Автори на изложбата се д-р Снешка Лакалиска виш кустос, Игор Кузмановски, кустос археолог и Драгица Живкова, советник кустос.
Оваа година навршуваат педесет години од заштитните археолошки ископувања на Скопско Кале (1967 – 2017) кои се реализирани по големите оштетувања на тврдината предизвикани од катастрофалниот земјотрес во Скопје во 1963 година. Тогаш за првпат поцелосно е понудена јасна стратиграфска слика за вековните наталожувања на населбите кои постоеле на овој локалитет, со акцент на средновековниот период и неговата материјална култура.
Ископувањата биле изведени од страна на Заводот за заштита на спомениците на културата на град Скопје и во нив учествувала цела една плејада од првата генерација на македонски археолози и историчари на уметност (Н. Никуљска, И. Микулчиќ, Б. Алексова, К. Петров, Ж. Винчиќ, В. Соколовска, Д. Корачевиќ, Л. Богоевиќ, Б. Бабиќ, Т. Јанакиевски, К. Кепевски, Г. Спасовска-Димитровска, Д. Симовска, А. Керамитчиев, В. Иљоски) кои со својот ентузијазам и пионерски влог на полето на теренските истражувања трајно ја задолжија археолошката наука во Република Македонија.
Поттикнати од овој јубилеј, Музејот на град Скопје се вклучи во одбележувањето со поставување на изложбата „Скопската тврдина – симбол на градот“. Со изложбата се презентираат материјалните наоди од византискиот и османлискиот период, вредни сведоштва за минатото на Скопје кои претходно биле парцијално изложувани во музејските поставки, а денес собрани за првпат во една интегрална целина.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.